Економско, инфраструктурно и енергетско поврзување за повеќе инвестиции во регионот

Сподели со своите пријатели

Искористување на поединечните потенцијали на земјите од регионот, но и нивно економско, инфраструктурно и енергетско поврзување за привлекување повеќе странски инвестиции е пораката што беше упатена на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која учествуваа премиерите од Регионот, меѓу кои и македонскиот  премиер Зоран Заев.

Идејата на иницијативата е да ги понуди потенцијалите на регионот, но и на секоја земја одделно, во рамки на нивните обединети капацитети, како ресурс и како пазар од над 20 милиони жители.

Во однос на енергетското поврзување, премиерот Заев нагласи дека Република Македонија ќе соработува со сите земји во регионот на ова поле. Информираше дека на Самитот покрај за енергетско, се разговарало и за железничкото поврзување и патното поврзување, но и за можностите да се пуштат и оптички кабли заради дигиталната агенда и поврзаноста на регионот.

Енергетската иднина на земјите од регионот на Западен Балкан вицепремиерот Кочо Анѓушев ја гледа во создавање на еден заеднички енергетски пазар, без административни граници.

– Доколку сакаме одржлив енергетски систем во регионот, верувам дека формирање на еден заеднички енергетски пазар, единствена регионална берза и воведување на универзален снабдувач за електрична енергија и гас е вистинско решение. Додека не стигнеме до тоа решение владите треба да работат на унапредување на меѓусебната соработка и отстранување на административните бариери за слободен проток на енергија, потенцира тој.

Во насока на подобрување на патната инфраструктура во земјите во регионот ЕБОР информираше дека обезбедува 86 милиони евра за надградба на транспортната инфраструктура и зајакнување на регионалната интеграција на македонското јавно претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Ова е втора транша од проектот што е вреден 181 милиони евра, а ќе послужи за финансирање на надградбата на 26 делови од македонската патна мрежа, која покрива над 400 км од регионалните и локалните патишта во земјата.

Од ЕБОР истакнуваат дека на ваков начин придонесуваат во развојот на националната инфраструктура, и во регионалната интеграција на Западен Балкан, која, како што велат, е круцијална за поттикнување на трговијата и развојот. Ова ќе донесе подобрување на секојдневното живеење на ѓраѓаните, овозможувајќи развој и раст на деловните активности. /МИА


Leave a Reply