Есенските економски проекции на Европската Комисија не се охрабрувачки, вториот бран на коронавирусот и новите рестриктивни мерки дополнително ги влошуваат условите, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според есенскиот извештај на Европската Комисија се очекува контракција од 7,8 отсто на економијата на еврозоната до крајот на оваа година, и раст од 4,2 отсто во 2021, три отсто во 2022. Споредено со пролетните проекции на Комисијата, изгледите се малку подобри за идната година, а понегативни за 2022.
-Економската активност во Европа претрпе силен шок во првата половина од годината, силно закрепна во третиот квартал како што се олеснуваа рестриктивните мерки, меѓутоа повторната појава на пандемијата во последните недели ги отежна условите, со воведувањето на нови здравствени мерки за да се спречи ширењето на вирусот, анализира Европската Комисија во својот извештај.
Поради ова проекциите на економски раст се „предмет на екстремно висока стапка на неизвесност и ризик“, предупредува ЕК.
Комисијата очекува значителен пад на економската активност, но смета дека ударот врз пазарот на трудот ќе биде лимитиран благодарение на мерките донесени на ниво на ЕУ, преку разни програми за невработените. Невработеноста ќе продолжи да расте идната година, но би требало да се подобри состојбата во текот на 2022.
Очекуван е и раст на јавните долгови и дефицити на буџетите на земјите членки.
-Растот ќе се врати во 2021 но ќе бидат потребни две години за европската економија да се приближи до нивото пред пандемијата. Во овој контекст на многу висока неизвесност, националните и фискалните политики треба да одат во насока на поддршка, а буџетот на ЕУ мора да биде финализиран оваа година за да биде на сила на почетокот на 2021, изјави еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони.
Советот и Парламентот на ЕУ постигнаа преоден договор денеска за главните точки на несогласување, со што би требало да се расчисти патот за усвојување на седумгодишниот буџет на Унијата за периодот 2021-2027.
Тања Милевска, Брисел