Европската комисија во средата предложи Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус под услов да преземе низа реформи и да усвои неколку закони во областа на судството, борбата против корупцијата и слободата на изразување, рече комесарот за проширување Оливер Вархеји.
„Европската комисија препорачува Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус, со разбирање дека ќе преземе одредени реформи“, рече Вархеји, претставувајќи го извештајот за проширувањето и напредокот на земјите кандидати и потенцијалните кандидати на патот кон ЕУ.
Вархеји ги истакна и изборните и уставните реформи како итен приоритет.
„Ова е понуда до Босна и Херцеговина и нејзините граѓани, а политичката елита треба да ја направи реалност. Очекуваме брзо воспоставување влада по изборите со цел да се спроведат реформите“, рече Вархеји, додавајќи дека доделувањето на кандидатскиот статус би можел да биде возможен во декември.
Тој посочи дека 14-те приоритети што БиХ треба да ги спроведе и кои претходно беа услов за кандидатски статус остануваат несомнени и дека без нивно исполнување нема да може да се започнат пристапните преговори.
Од БиХ беше побарано да работи на реформите и беа наведени осум приоритети, а се очекува во декември да добијат позитивен одговор од земјите-членки, со оглед на тоа што тоа е идентична формула на препораката на ЕК како што беше случајот со Украина и Молдавија.