Кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден ќе стане 46. претседател на САД, јави Си Ен Ен. Медиумот ја објави информацијата по победата на Бајден во неговата родна држава Пенсилванија, што му ги обезбеди потребните најмалку 270 изборни гласови за изборен успех.
Според проекциите на Си Ен Ен, Асошиејтед прес, Њујорк Тајмс, Еј-Би-Си Њуз и повеќе медиуми, кои се засновани на исклучително прецизни статистички пресметки, прогласија дека Бајден победил во државата Пенсилванија, со што доби уште 20 електорски гласа и надминувајќи го минимумот од 270. Засега тој има 273 електорски гласови од можни 538. И конзервативно-ориентираната Фокс телевизија го прогласи Бајден за победник со 290 електроски гласови, со оглед на тоа што тие веќе го прогласија демократскиот кандидат за победник и во државата Аризона.
Според проекциите на Асошиејтед прес, Џо Бајден е избран за 46-ти претседател на САД, соборувајќи го претседателот Трамп по единствен мандат обележан со импичмент, постојани битки, погубен одговор на смртоносната пандемија на коронавирусот и неочекувано блиски избори. Трамп, e еден од ретките претседатели во историјата на САД кој служел само еден мандат, односно кој не бил резибран.
Камала Харис ќе му се придружи како прва жена и прва личност -црнкиња – која е избрана за потпретседател – историски чекор напред, во голема мера засенет од превирањата околу изборите. Харис (55) ќерка на имигранти од Јамајка и Индија, е поранешен државен обвинител во Калифорнија, која стана популарна меѓу либералните активисти по острото испрашување на вработените и претставниците на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за време на сослушувањето во Сенатот. Меѓу сослушаните беа кандидатот за Врховниот суд Брет Кавано и поранешниот јавен обвинител Џеф Сешнс.
Харис влезе во историјата во 2016 година кога стана првата афро-американка што беше избрана во Калифорнискиот Сенат и силно се бореше против критичарите на „идентитетската политика“ за кои рече дека го користат терминот пејоративно за да ги маргинализираат проблемите од аспект на раса, пол или сексуална ориентација..
Предвидената победа на Бајден во Пенсилванија му дава повеќе од потребните 270 изборни гласови, според АП, како резултат на претходните предвидени победи на новинскиот сервис во Висконсин и Мичиген.
Резултатите стануваат официјални кога секоја држава го завршува пребројувањето на гласовите и ги потврдува своите поврати.
Од изборниот штаб на актуелниот претседател Доналд Трамп соопштија дека тој заминал да игра голф во свој клуб. Претходно, објави на Твитер дека победил на изборите со голема разлика, но без да каже врз основа на што го темели таквото тврдење. Тој, исто така целосно непоткрепено со докази обвини за изборна измама во корист на демократите и најави дека пред суд ќе ги оспори резултатите во неколку држави.
Сања Костовска