Дваесетина кумановци ја искористиле можноста бесплатно да студираат во Русија

Сподели со своите пријатели

За 40 млади луѓе Амбасадата на Руската федерација во Македонија ќе додели стипендии за студирање на руските универзитети.

Заинтересираните идни студенти треба да минат низ две фази за да добијат целосно стипендирање на нивното образование во Русија, првата фаза е дома, а втората фаза се тестирања од образовните институции во федерацијата.

Студено и далеку од дома, но со извонредни услови за едукативно и професионално дообразување. Голем број кумановци веќе имаат минато низ овој образовен процес, дел од нив се уште студираат, а дел имаат дипломирано и работат.

– Секоја година Руската федерација и Министерството за образование распишуваат конкурс за студирање на странски студенти на нивните универзитети, оваа година за македонските студенти се доделуваат 40 стипендии и плус пет за резерва. Предностите на завршени кадри во Русија се многу големи, почнувајќи со тоа што самиот систем се разликува и ние можеме многу да учиме од нив бидејќи во споредба сме многу различни, студирањето има школски систем на образование, а со тоа студентите се стекнуваат со многу високи знаења и уште недипломирани тие за вработуваат во различни фирми насекаде низ светот, вели Билјана Коцевска, наставник по руски јазик.

Околу дваесетина кумановци минале или се уште студираат на руските универзитети, односно околу 100 од целата држава. Според Коцевска, сите кои заминале таму продолжуваат и на постдипломски студии.

– Тие се воодушевени, навистина се воодушевени. Доаѓаат тука на зимски распуст, еве баш денеска една ученичка заминува во Русија, едвај чекаше да се враит, се навикнуваат, предноста е што многу рано се осамостојуваат, стануваат посамоуверени и не можат да се препознаат во споредба со тоа какви биле додека биле тука, додава Коцевска.

Од средношколци во Куманово до дипломци во Русија (фото)

Loading...

Сепак, проблемот се јавува со трендот за изучување на рускиот јазик во основните и средните училишта кој е намален. Во македонскиот образовен систем, англискиот јазик е прв задолжителен странски јазик, а рускиот, францускиот и германскиот се нудат како изборни за втор странски јазик. Оној за кој учениците ќе се одлучат во основното училиште мораат да го продолжат и во средното.

– Не случајно се дадени уште три странски јазици за избор, меѓутоа имаме една трендовска ситуација во Куманово, ако еден го изучува едниот јазик сите ќе го иучуваат тој јазик, меѓутоа сакам да кажам дека на нашата држава, на нашиот град не и требаат ограничени кадри со познавање само на еден странски јазик, треба да се изучуваат и да има рамномерна застапеност на сите странски јазици кои што се определени од Министерството, а се изучуваат како втор странски јазик, вели Коцевска.

Според Коцевска, интерес кај учениците има, но возрасните се тие кои не им дозволуваат да го изучуваат, односно не им се нуди како опција во основните училишта. Токму тоа е причината што бројката на оние кои учат руски јазик во средното образование од година во година станува алармантна.

– Интерес кај учениците постои, меѓутоа нема разбирање од возрасните, посебно тие возрасни кои се наоѓаат на раководни места во нашите училишта, потенцира Коцевска.

Од воздухопловство и авијација, до театарска и драмска уметност, Руската федерација може да им понуди на младите квалитетно образование со овие стипендии. Се што треба да направат потенцијалните студенти е регистрација во електронскиот систем на Russia.Study, пополнување на анкетата и прикачување на скенирани документи кои што се потребни за учествување на конкурсот. Познавањето на рускиот јазик не мора да биде на високо ниво, само во пријавата треба да биде нагласена потребата од учење на подготвителен факултет.

Leave a Reply