Државен инспекторат ги чешлаше кумановските фирми, но не пронајде загадувачи

Сподели со своите пријатели

Една недела откако граѓаните, медиумите и општинските инспекциски служби алармираа дека воздухот во Куманово е загаден, се огласи Државниот инспекторат за животна средина преку социјалната мрежа Фејсбук, која патем не е официјален канал за комуникација.

Loading...

Во нивната објава стои дека една недела подоцна, односно вчера, извршиле увиди во неколку фирми на подрачјето на пограничниот регион во кумановско.

– Реализирани се серија увиди во Општина Куманово и тоа во асфалтните бази кои се носители на А-интегрирана еколошка дозвола, потоа во пограничното село Костурник (во инсталацијата која има забрана за работа од страна на ДИЖС), поширокиот појас на граничниот премин Табановце и контрола на нестандардна депонија за комунален отпад Краста од која на ден 8 јуни имало чадење, за да на ден 9 јуни е изгаснат делот каде имало тлеење, стои во објавата.

Како што појаснуваат, од увидите во правните субјекти не било утврдено испуштање на непријатна миризба карактеристична на запалена гума или пластика, на која реагираа граѓаните во текот на изминатите десетина дена.

– Од разговори со жители од Република Србија кои беа затекнати на граничниот премин Табановце беше посочено дека во Општината Прешево последните два дена имало силен и мошне непријатен мирис кој се чувствува и во Општина Куманово последните десетина денови во текот на ноќните и утринските часови, велат од Државниот инспекторат за животна средина.

 

 

Loading...

Како што наведуваат, пред неколку дена комуницирале со Секторот за надзор и предострожност во животната средина при Министерството за заштита на животната средина на Република Србија.

Се очекува надлежните служби во Србија да извршат контроли за регионот Прешево, но нема информации дали оттаму има повратна реакција.

Екипата на Кумановски Муабети претходно преку формата за контакт на Државниот инспекторат во Македонија достави прашања за оваа тема, но не доби никаков одговор.

Одговор на поставени прашања преку електронска пошта не добивме ниту од српските инспекциски служби.

Никола Ивановски / фото: ДИЖС