До сега гласањето се одвива без посериозни нарушувања, едно лице приведено во Скопје

Сподели со своите пријатели

Од отварањето на гласачките места до сега е регистрирано едно нарушување на јавниот ред и мир, соопшти на прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

„Во 9.50 часот пријавено е дека во избирачко место  во ОУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје В. Ш. (47) го нарушил јавниот ред и мир со тоа што започнал расправија со претставници на избирачкиот одбор и во еден момент ја потегнал за чантата претставничката на избирачкиот одбор и со неговиот мобилен телефон ја фотографирал просторијата. Лицето е лишено од слобода, за што е известен дежурен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство од Скопје“, соопшти Ангеловски.

Loading...

Гласањето на другите избирачки места се одвива мирно, со почитување на протоколите на гласачките места, а од неправилности што се пријавени во МВР има неколку случаи на агитирање, испишани графити на избирачки места, организиран превоз на гласачи до гласачки места, а имаме и неколку пријави за наводно нудење пари за глас.

„Потенцирам, ова се добиени пријави по кои постапува МВР односно ја утврдува фактичката ситуација и откако ќе ги утврдиме фактите соодветно ќе ве информираме“, рече Ангеловски.

Во 07.30 часот во Полициската станица Бит Пазар во Скопје било пријавено дека пред избирачки места во основните училишта „Цветан Димов“ и „Даме Груев“ биле испишани графити во врска со изборите, а графити биле испишани и на основни училишта на ул.„Коста Абрашевиќ“,на ул.„Браќа Реџепагиќ“ и на ул.„Петре Ѓорѓиев“, кои се во надлежност на ПС Чаир. Исто така, во СВР Велес било пријавено дека во близина на избирачко место во с. Сирково, кавадаречко, биле испишани графити во врска со изборите.

„Во полициската станица Крива Паланка се пријавени два случаи на организиран превоз за гласање, а има и четири пријави за агитирање кон гласачи и тоа, на ул.„8-ми Октомври“, на ул.„Јоаким Осоговски“, како и во с.Узем и с. Нерав. Агитирање е пријавено и во СВР Струмица, во с. Пиперево и во Нов Дојран, а во село Самоилово наводно едно лице упатувало закани кон друго лице да гласа за политичка партија. Во Полициското одделение Ново Село граѓанин пријавил дека едно лице од Ново Село одзело лична карта на друго лице и гласало во негово име“, соопшти Ангеловски.

Во Полициската станица Радовиш, Ф.В. од Радовиш пријавил дека Б.И. од Радовиш му нудел пари за глас, а во СВР Битола, Е.Е. пријавила дека непознати лица и нуделе пари за глас. Во СВР Битола било пријавено и дека полициски службеник, кој обезбедува избирачко место во училиште во село Дебреште, им кажувал на граѓаните кој број да го заокружат на избирачкото ливче. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола.

„Во СВР Тетово, пак, било пријавено дека во ОУ „Коста Рацин“ во с.Брвеница, тетовско, имало неколку непознати лица кои ги запишувале граѓаните. За сите овие настани се преземаат мерки за расчистување и по утврдување на фактите ќе ја известиме јавноста“, рече Ангеловски.

Интегрално соопштение: МВР


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *