Во заедничка реакција директорите на Центрите за социјална работа низ Македонија, денеска побараа извинување од техничкиот министер Ѓоко Велковски кој на прес конференција рече дека над 2.000 лица во државата земаат социјална помош, а не требало.
Нивната реакција ви ја пренесуваме интегрално:
„Навредите на еден министер кон сите вработени и повредата на достоинството на директорите е неприфатливо однесување за предводник кој треба да влева доверба и сигурност кај граѓаните!
Како директори јавно го искажуваме своето незадоволство од непромислените изјави на техничкиот министер, Велковски на вчерашната прес-конференција. За еден професионалец да работи во социјална заштита потребна е посветеност, толеранција и емпатија, чиста професионалност и информираност, а пред се знаење. Министер што не ги проверува информациите пред да ги каже во јавност а притоа ги навредува сите вработени во институцијата каде моментално тој е на чело е целосно неприфатливо.
Бараме извинување за нарушување на интегритетот на нашите вработени, како директори го цениме трудот на вработените и никакви политички игри не смеат да ја навредат нивната професионалност!
Човек што не ги почитува вработените, не можи да води едно од најголемите министерства во државата“, стои во соопштението.
Никола Ивановски