Вкупно 2.252 исплаќања биле извршени на сметки на корисници на социјална помош, иако по закон не требало да ја примаат.
Ова вчера го обелодени заменик министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, кој вели дека во некои од градовите бројките се трицифрени.
Еден од градовите каде има најмногу такви случаи, е Куманово, каде според министерот се регистрирани злоупотреби во 235 случаи.
– Во Министерство за труд и социјална политика сум веќе 50 дена и за овој краток период добив сознанија кои не се пријатни и не влегуваат во рамката на законското постапување. Ова не ми паѓаше на памет дека можело да се случи, а уште помалку дека било практика со месеци, а можеби и години во ова министерство. Станува збор за злоупотреба на системот за социјална заштита и незаконско и против правно исплаќање на средства за гарантирана минимална помош, народски позната како социјална парична помош и социјална пензија на лица кои не исполнуваат законски услови да ја примаат“ рече тој, а пренесува порталот „360степени“.
Тој иницирал вонреден инспекциски надзор, со цел да открие кој е виновен за таквата состојба.
Како што додава над 2.200 лица кои примиле гарантирана минимална помош и социјална пензија пријавиле дека не поседуваат возило, иако според евиденцијата на МВР имаат.
– При вкрстување на базите на податоци месеци наназад кај овие лица во системот стои дека имаат возило, но необјасниво е како службите не постапиле, со што продолжила исплатата на парични средства, со што се предизвикала милионска штета на буџетот на министерството. Да напоменам, еден од условите за остварување на правата е да се провери имотната, материјалната и социјалната состојба на корисниците, а тоа е да не поседуваат возило и приходи по други основи“, вели техничкиот министер.
Вели дека во некои од градовите каде е детектирана злоупотреба, бројката на корисници надминува сто, како Битола – 166, Гостивар – 164, Куманово – 235, Прилеп – 229, Скопје – 714, Карпош – 125, Кисела вода – 155, Чаир – 151, Шуто Оризари – 121, Тетово – 150.
Штетата, додава, е милионска.
– Месечната штета е 18 милиона денари. Годишно над 200 милиона денари. За сите над 2 200 корисници“, изјави Велковски.
Никола Ивановски