Градоначаникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска учествуваше на дискусијата на тема „Колку младите од Куманово се запознаени со сервисите за млади предвидени во Законот за младинско учество и младински политики, во организација на Центарот за интеркултурен дијалог.
Во своето излагање, Димитриевски истакна дека младите лица се составен дел на општеството и треба да им се даде поголема можност да носат одлуки.
„Сите локални младински проекти во Куманово ги носиме заеднички со нив. Тоа што е најважно е да имаме континуитет во работењето, но и независност во функционирањето на младинските политики. Куманово е првата општина во која се отвори првиот младински центар, а во моментов во завршна фаза сме за отворање на Канцеларија за млади. Во нашиот план за работа предвидено е отворање и на Tech Center кој ќе се користи за размена на информации, но и како еден младински бизнис hub каде токму младите лица би доаѓале до иновативни идеи за развој на одредени нови бизниси поврзани со развојот на новите технологии. Младите лица се во фокусот на Општина Куманово и продолжуваме заеднички да го подобруваме животот на сите“, рече Димитриевски.