Независниот кандидат за градоначалник на Куманово од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ денеска на прес конференција најави дека за 2022 и 2023 година ќе бидат предвидени почетни средства за инвестиција за гимназијата „Сами Фрашери“.
Како што рече Димитриевски, секои избори вешто политички се манипулира со прашањето и проблемите на учениците во гимназијата „Сами Фрашери“ и паралелките на албански наставен јазик во техничкото училиште.
– Врвот на хипокризијата се постигна пред 2 дена кога се одржа рес-конференција на мојот против кандидат заедно со неговите коалициони партнери кои се повеќе од 20 години власт во нашата држава и во тој период раководат активно со ресорното Министерство за образование и наука. Сакам првично да ја известам и кумановската и македонската јавност. Еве ги сите документи кои општина Куманово ги испраќа до МОН со коишто бара да се предвидат капитални инвестиции за изградба на нов средношколски објект во Куманово како трајно би се решиле проблемите, рече Димитриевски.
Тој истакна дека целиот период, ресорното министерство раководено од претставници на ДУИ останало немо кон повиците на локалната самоуправа.
– Сега излегува со лажни обвинувања кон мене како актуелен градоначалник сакајќи да ги испере своите грешки, но јавноста треба да знае дека на последната седница кога се креираше буџетот за тековната 2021 година Советот на општина Куманово на мој предлог донесе одлука да се финансира идеен и градежен проект за изградба на ново средно училиште „Сами Фрашери“ и паралелките за техничкото училиште на албански наставен јазик, изјави Димитриевски.
Во текот на оваа година, вели тој, од страна на јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање на град Куманово е изготвен идеен проект којшто е во целост, а дополнително бил направен и изработен детален урбанистички план за една од можните локации, а тоа е локација во поранешна Касарна, „Христијан Тодоровски Карпош“, кое е одредена како локација како одлука на поранешното мнозинство во советот.
– По добивање на изборите во недела, заедно со новото мнозинство во Советот коешто ќе го сочинуваат членовите на советничката група „За наше Куманово“, членовите на „Алтернатива“ и „Алијанса“ ќе седнеме во соработка со претставници со родителите во училиштето и управните органи на училиштето ќе продискутираме и одлучиме каде ќе биде новата локација на училиштето, а дополнително ќе го доработиме проектот целосно во градежен проект, во буџетот за 2022 година и 2023 година ќе предвидиме почетни средства за инвестиција и со сопствени средства Општина Куманово ќе влезе во оваа инвестиција трајно да го реши овој проблем, вели Димитриевски.
Доколку, ресорното министерство продолжи да ги игнорира, додава тој, и да не дозволува да се дадат наменски средства во форма на капитални инвестиции, ќе се побара помош од граѓаните.
– Ако е потребно ова училиште ќе го изградиме и со месен самодопринос на сите граѓани, без разлика дали припаѓаат на етнички македонци, турци, роми, власи. Кумановци ќе работат сложно и единствено по концептот „За наше Куманово“ за да остваруваме поубави работни услови на сите наши ученици во нашиот град, следејќи го примерот со реконструкција на најголем дел од досегашните основни и средни училишта во нашиот град. Доколку сакате да уништите еден народ тогаш треба да му го уништите образованието, изјави Димитриевски.
Димитреивски ги повика своите опоненти да не се служат со собирање на ситни и евтини политички поени, да бидат искрени кон граѓаните и да ја кажат вистината.
– Да дадат реално објаснување зошто сите досегашни министри за образование исклучувајќи ја госпоѓата Рената Тренеска Дескоска којашто единствено имаше сенс да предвиди средства за градба на овој концепт, другите останаа неми за барањата на општина Куманово, вели Димитриевски.
Никола Ивановски