Димитриевски планира изградба на кружни текови во Куманово

Сподели со своите пријатели

Кумановци сè уште можат да дадат мислење, предлог за идејното сообраќајно решение за изградба на кружен тек на крстосницата помеѓу булеварите „Октомвриска револуција“ и „Трета македонска ударна бригада“, повика денеска градоначалникот Максим Димитриевски. Ова решение е продолжување на претходно дадените најави за изградба на кружни текови низ сообраќајниците во градот.

Loading...

– Оваа крстосница е со висок ризик во сообраќајот, правевме јавни истражувања за неа и го дадовме идејното решение на јавен увид на граѓаните. Според коментарите и насоките коишто доаѓаат од нив, општо прифатливо е решението. Ќе се обидеме во следниот буџет да обезбедиме средства и да го финансираме овој проект, изјави Димитриевски.

Тој рече дека ќе се изработи и нов проект за крстосницата кај зелениот градски пазар. Димитриевски потенцираше дека од март општината е деблокирана, финансиски е стабилна и доколку се продолжи со, како што рече, домаќинско работење и ако се соберат приходи ќе се обезбедат средства за изградба на кружни текови од кои корист ќе имаат граѓаните, ќе се зголеми безбедноста, а и градот ќе добие модерен лик.

Претходно во Куманово, првпат во 2019 година беше изграден кружен тек на влезот од градот помеѓу булеварот „Трета македонска ударна бригада“ и улицата „11 Октомври“ за што од општинскиот буџет беа одвоени 19,7 милиони денари.

МИА

Leave a Reply