Димитриевски не отстапува од барањето за целосен карантин на Куманово

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и денеска побара Владата да го стави Куманово во целосен карантин со цел да се спречи ширењето на коронавирусот во градот, но и надвор од него.

Loading...

Во тој случај, како што рече Димитриевски би се правела дезинфекција на сите возила на 12те влезови и излези од општината, а движењето би било контролирано од Министерството за внатрешни работи.

– Ние тоа го бараме веќе четврти ден и Владата секојдневно презема одредени мерки, ние сме благодарни на тоа и ќе постапуваме согласно одлуките што ќе ги донесе Владата. Имаме во Куманово 12 влезови и излези и доколку се донесе таква одлука во секој момент сме подготвени да ги опслужиме со комплетни тимови екипирани за вршење дезинфекција на самите пунктови, а паралелно со тоа целиот режим го дефинира Министерството за внатрешни работи по претходна одлука на Владата, изјави Димитриевски.

Ова е повторно заклучокот на денешниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување на чие чело е кумановскиот градоначалник.

Тој вели дека ќе се прави дезинфекција на сите делови од градот каде живеат веќе потврдените случаи, околу нивните домови и во нивна близина.

– Воедно апелирам на граѓаните на смиреност, ова е борба во која учествуваме сите и сите треба да дадеме свој допринос, едноставно ќе го направиме тоа со тоа што ќе останеме дома, ќе го намалиме своето движење на минимум. Мора да потенцирам дека одредени сограѓани не го почитуваат тоа, мене ми е јасно дека самоизолацијата не може да биде комплетна, мора да се излезе, вели Димитриевски.

Се апелира сите трговци во општината доколку се во можност да воведат телефонски сервис на кој граѓаните ќе можат да нарачуваат производи, кои подоцна би биле доставувани до нивните домови.

– Ќе апелираме до сите трговци кои продаваат прехрамбени производи ако можат да воведат сервис на своите услуги во градот и своите нарачки кои би ги примале по телефон да ги испорачуваат на граѓаните до дома, притоа користејќи заштитна опрема, маски и ракавици. Апелираме до трговците кои што се во големите трговски единици да ги почитуваат препораките на Владата, веќе од денеска јавниот превоз не функционира и меѓуопштинскиот превоз е укинат, ќе продолжиме да ја почитуваме таа мерка, рече Димитриевски.

Loading...

Сепак со одлуката за прекин на јавниот превоз се јавува проблем кај сите кои мора да патуваат до работните места. Димитриевски вели дека ако се организираат со приватни возила задолжително да носат заштитна опрема како маски и ракавици и да вршат дезинфекција.

–  Мене ми е јасно дека се соочуваме со тој проблем, дека голем број работници не можат да пристигнат до своите работни места. Веќе во соработка со некои поголеми фирми кои функционираат на територијата на градот се договараме како тоа да го изведуваат. Тука влегува и општината со свои сопствени ресурси каде имаме на располагање и минибус, каде за потреби на МВР и други институции и одредени фирми го даваме на располагање, но тоа треба да биде во рамки и согласност на препораките на Комисијата за здравство во Владата. Едноставно мора да ги почитуваме овие препораки, а барам разбирање и од работодавачите да се има разбирање за оваа категорија наши сограѓани за доцнење на работа, евентуално отсуство и да ги почитуваат мерките за работа, рече кумановскиот градоначалник.

Кризниот штаб, како што информираше Димитриевски бара да се набави дополнителна заштитна опрема од општината првенствено за работните тимови во болницата, за полициските службеници и противпоаржната екипа.

Димитриевски упати апел и до Комисијата за заразни болести да обезбеди дополнителен број инфектолози и технички персонал за кумановската болница со цел да се вршат поголем број на тестови  на граѓани за кои има основано сомнение дека покажуваат знаци и индиции за вирусот.

https://www.facebook.com/kumanovskimuabeti1/videos/238377710619838/

Никола Ивановски

Leave a Reply