Димитриевски на средба со противкандидатите: Се разговараше за иднината на градот

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска одржа средба со противкандидатите од локалните избори на која се разгледуваа сите програми со цел од нив да се извлечат најдобрите проекти што ќе се реализираат во следните четири години.

Loading...

Димитриевски на заедничка маса седна со Оливер Илиевски од СДСМ, Тони Михајловски од ВМРО-ДПМНЕ, Теодора Димитровска од ЛДП и ДОМ, и со Беким Салиу од АА/А, а како што вели, се разговарало  за подобрувањето на општината, но и за подобар квалитет на живот на сите кумановци.

– Оваа средба ја реализиравме со цел суштинските проекти од програмите на сите кандидати да ги инкорпорираме во една заедничка програма и заедно во следните четири години да ги имплементираме. Куманово се одважи и покажа заедништво, ова е патот по кој мора да се движиме. Тоа им го должиме на граѓаните, на себе и на нашите деца. Ветувам работење исклучиво во интерес на сите граѓани, затоа што граѓанскиот интерес е пред сè, вели Димитриевски.

Како што посочува градоначалникот, општината и во следните 4 години е отворена за сите граѓани, организации, институции, за сечија идеја и делување за подобрување и унапредување на Куманово.

– Општината секогаш ќе биде отворена и за моите противкандидати затоа што за интересите на граѓаните мораме да бидеме обединети и сложни. Ви благодарам за денешната средба, вели Димитриевски.

Никола Ивановски