Димитриевски ги собра потписите за независна кандидатура (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Актуелниот градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски ги собра потребните потписи за независна кандидатура за претстојните локални избори што ќе се одржат во октомври.

Loading...

Како што информираше самиот на прес конференција, според информациите што ги има до 13 часот, потребните потписи биле собрани во подрачното одделение на Државната изборна комисија.

– Затековме општина со долгови, а дополнително ги решивме тие финанисски проблеми и реализираме голем број на проекти. Мојата цел заедно со мојот тим е да продолжиме на тој пат, да го менуваме Куманово во вистинска смисла на зборот. Во оваа прилика искрено и од срце сакам да се заблагодарам на сите граѓани кои се потпишаа на оваа граѓанска иницијатива и поддршка. Воедно да информирам дека последните мои информации околу 13 часот е дека се собрани потребниот број потписи за поддршка на оваа кандидатура, изјави Димитриевски.

 

 

Димитриевски првично кандидатура поднесе до својата матична партија СДСМ, но откако името за кандидат не го објавија од партијата, а според неофицијални информации одредени структури се спротивставиле на неговиот реизбор, тој се одлучи за ваков потег. Вели дека независната кандидатура доаѓа под притисок на самите граѓани.

Актуелниот градоначачник не сакаше да дава премногу детали за случувањата во партијата, туку потенцираше дека за да има развој на демократија во општеството, мора првин да има и во политичките субјекти.

Loading...

– Јас сум по убедување содијалдемократ од 95та година и полн сум со социјалдемократска мисла и идеја во вистинска смисла на зборот и моите заложби се да се развива демократијата и во државата, но и во политичките субјекти, бидејќи ако немате развој на демократија во политичките субјекти, тогаш не можете да развивате и демократија во општеството. Немам информации што се има случено на ИО, но знам дека под притисок на моите сограѓани, граѓаните на општина Куманово и голем број на истакнати социјалдемократи од Куманово денеска објавив иницијатива за собирање на една ваква граѓанска поддршка, рече тој.

Додава дека е отворен за секаков тип на поддршка, вклучително и СДСМ, но изрази жалење што некои поединци во партијата го сметаат за предавство.

– Жалам, искрено жалам што можеби некои поединци оваа го доживуваат на начин како што беше презентирано во јавноста, предавство или беа употребени други зборови. Не се работи за лични амбиции туку за еден континуитет на едно можеби поразлично размислување од група на луѓе кои во моментот имплементираат власт, рече тој.

 

 

Вели дека не очекува да биде исклучен од партијата, но тоа треба да одлучат органите на СДСМ.

– Уште од првиот ден го менаџирам градот и се обидувам без разлика што доаѓам како градоначалник од политички субјект, да бидам градоначалник за сите граѓани, без разлика на нивната, партиска, верска, етничка или друга припадност. Денеска особено мотивот е поголем кај мене бидјеќи видов голем број на луѓе кои доаѓаат од голем број политички субјекти, различни етнички заедници и различни вери и даваат поддршка на еден ваков концепт, а тоа е токму суштинскиот концепт на социјалдемократијата во нашата држава, додава Димитриевски.

Loading...

Димитриевски не смета дека со овој чекор дава можност опозициската ВМРО-ДПМНЕ да добие повеќе гласови на претстојните избори, со оглед дека гласовите на СДСМ и Димитриевски ќе се поделат.

Убеден, сум вели, дека ќе ја добиеме поддршката од граѓаните.

Димитриевски ќе настапи и со независна советничка листа на локалните избори, но името на носителот не го открива, вели дека тоа ќе биде жена, а целосниот состав на листата е во фаза на изработка.