Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска ги означи како шпекулации, информациите кои кружеа со денови во јавноста, дека веќе формирал политичка партија.
Како што вели формирана е невладина организација под слоганот „За наше Куманово“ со кој настапи на локалните избори како независен кандидат.
– Отворен сум за соработка со сите, како ќе ги добивам насоките од граѓаните, од електоратот, така ќе се однесувам. Не се точни шпекулациите во јавноста, дека се формира политичка партија, туку е формирано невладино здружение кое ќе делува на територија на Општина Куманово со истиот назив со кој што настапивме на изборите, слоганот „За наше Куманово“ кој ќе има за цел активно да работи како здружение на унапредување на животните услови и стандарди на граѓаните, изјави Димитриевски.
Како што рече, сѐ уште собира и анализира податоци и мислења од граѓаните во однос на формирањето на политичка партија.
– Што се однесува до формирање на политички субјекти, сѐ уште собирам и анализирам и верувам дека граѓаните ќе испратат вистински глас и ќе дадат вистинска насока во вистински момент. Она што се случува во државата во моментот за жал е една сеопшта криза и дополнително генерира нови проблеми во сите сегменти на општественото живеење, вели Димитриевски.
За претседател на здружението кое е формирано под слоганот „За наше Куманово“ е избран Даниел Стојчевски, актуелниот директор на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“.
Никола Ивановски / Стефан Младеновски