Семафорот во спортската сала Куманово ќе чини 950.000 денари, а не над десет милиони, како што се шпекулира во јавноста, рече денеска градоначалникот Максим Димитриевски.
Иако според пресметките реконструкцијата требало да чини 6,5 милиони евра, Димитриевски вели, дека досега се потрошени помалку од два милиони, а завршена е скоро целата работа.
– Старата спортска сала беше оставена на забот на времето, распродавана во изминатиот период и конечно општината успеа да ја врати назад. Направивме проект кој го работеше еминентна фирма „Геинг“ од Скопје, за реконструкција. Цените за комплетна реконструкција согласно предмет пресметките од 2018 година се некаде над 6,5 милиони евра. До денеска општината има потрошено помалку од 2 милиони евра и над 80 проценти е завршена работата, рече Димитриевски.
Вели дека цената од 10,5 милиони евра е цена на целиот медија сервис, а не само на семафорот како што беше пренесено во јавноста.
– Семафорот кој ќе се вгради во нашата спортска сала кој емитува резултат со сите услуги чини 950.000 денари. Мултимедијалниот четворостран семафор кој веќе е вграден и инсталиран со придружна и дополнителна опрема чини 10,5 милиони денари, а еве оставам на вас новинарите, ист таков има во салата „Борис Трајковски“, во салата во населба Аеродром, проверете колку истиот таму чини. Според мои информации најмалку два до три пати поскапо од цената за која овој семафор е набавен, а истиот е по сите ФИБА стандарди со компетна пратечка опрема, појасни градоначалникот.
На самиот семафор, како што вели Димитриевски, е инсталирана платформа со тежина од приближно два тона, со пристапни скали, и со направена анализа на статиката на објектот.
Инаку, општина Куманово е при крај со реконструкцијата на Спортската сала која со години беше запуштена и оставена на забот на времето.
Нејзино повторно пуштање во употреба се очекува во пресрет на денот на градот, „11 Ноември“.
Никола Ивановски