Дескоска: Буџетот на МОН е ограничен, нереално е долговите да се вратат за една година

Сподели со своите пријатели

Нереално е да се очекува дека долгови што се пластеле десет години некој ќе може да ги врати за една година. Многу училишта имаат блокирани сметки и наследени долгови, но буџетот на МОН е лимитиран, изјави министерката за образование и наука Рената Дескоска.

Најголем проблем е долгот за потрошена електрична енергија. Се обидуваат, рече, да направат репрограмирање на долгот што ќе значи договор за одложено исплаќање на долговите за да нема исклучување струја во училиштата и во студентските домови.

– Но проблем е и таквото договорање затоа што во добар дел сметките на училиштата и на студентските домови се блокирани. Тоа значи дека штом ќе дојдат средства на нивните сметки, тие се намируваат согласно на приоритетот на барањата што постоеле. Владата направи зголемување на блок-дотацијата за да ги зголеми средствата што им се исплаќаат на општините за подмирување на трошоците. Во неколку наврати минатата година им пуштивме средства на студентските домови со цел да платат дел од своите долгови. Гледаме секаде каде што ќе се ослободат средства да ги намениме за плаќање на заостанатите долгови. Но нереално е да очекувате дека сите долгови ќе бидат платени оваа година, истакна Дескоска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на ОУ „Гоце Делчев“ во Центар.

Во врска со проблемите со инфраструктурата во училиштата, министерката истакна дека изненадува колку е таа лоша со оглед на тоа што, како што рече, во изминатите години постојано гледавме сечење ленти и промовирање капитални инвестиции.

– Направивме приоритети каде навистина ситуацијата е алармнатна и каде мора да има интервентно вложување. Разговараме и со градоначалниците за партнерско вложување во некои училишта со цел да се подбри состојбата. Тоа значи, финансирањето да биде дел од општината, дел од државниот буџет. Разговараме и со меѓународни донатори кои изразуваат желба да се вклучат во инфраструктурни проекти во општините во областа на образованието, додаде Дескоска./МИА


Leave a Reply