Соединетите Американски Држави, Европската Унија и околу 50 други земји ја осудија Северна Кореја за нејзината одлука да испорача ракети на Русија, барајќи итен прекин на таа соработка, пренесува Бета повикувајќи се на АФП.
Минатата недела американската администрација ги осуди испораките на ракети кои, според неа, биле користени од Русија во неодамнешните големи напади врз Украина.
Пјонгјанг долго време е цел на меѓународни санкции поради неговите воени и нуклеарни активности.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел и 47 министри за надворешни работи на други земји ја осудија поддршката на Северна Кореја за Русија на „најсилен можен начин“.
„Пренесувањето на ова оружје го зголемува страдањето на украинскиот народ, ја поддржува агресивната војна на Русија и го поткопува глобалниот систем за неширење“, се вели во заедничката изјава, според агенциите.
„Флагрантно“ кршење на санкциите
Според нив, испораката на ракети претставува „флагрантно“ прекршување на санкциите што на Северна Кореја ѝ ги воведе Советот за безбедност на ОН, чиј постојан член е Русија.
„Внимателно следиме што ѝ дава Русија на Северна Кореја во замена за тоа оружје“, додаваат потписниците на изјавата, повикувајќи ги двете земји да ги почитуваат резолуциите на ОН и „веднаш да ги прекинат сите активности што ги прекршуваат“.
Четириесет и седум потписници се блиски партнери на САД, вклучително и Јужна Кореја, Јапонија и Израел, кои Вашингтон воено ги поддржува во војната во Газа и покрај притисокот од меѓународните повици за прекин на огнот.
Израел започна бомбардирање и голема копнена офанзива во Газа по нападот на палестинското движење Хамас на 7 октомври на израелска територија.
Оттогаш, повеќе од 23.210 луѓе се убиени во Појасот Газа, додека бројот на убиените во нападот на Хамас е 1.139.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.