Денеска се слави свети Игнат – ден предвесник за цела година

Сподели со своите пријатели

Според календарот на МПЦ, денес се празнува Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец.

Игнатиј бил ученик на св. апостол Јован. Кога бил дете Исус го кренал, (го зел во прегратка) и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно“. Поради тоа што Исус го носел во прегратка е наречен Богоносец.

Во Кумановско на овој ден се прогнозирала среќата за целата наредна година со жарчиња, обичај познат и во други краишта на Македонија поврзан и со други празници, како што е Новата година. Овој обичај се изведувал вечерта спроти празникот кога жарчиња се ставале на земјата и до секое жарче по едно зрно од разните житни култури (пченка, пченица, рж, јачмен, овес и др.) потоа се поклопувале „сас каленицу” (или со вршник) и на празникот се гледало како изгаснале жарчињата. Се верувало дека тие што согореле добро со пепел претскажуваат дека тоа жито добро ќе роди, тие што изгаснале и станале црни јаглења претскажувале дека тоа жито нема да роди. Во овој крај се прогнозирало и на времето, ако е облачно се верувало дека ќе има бериќет, ако е ведро, претскажувало дека годината ќе биде сушна.

Во народното верување се смета дека на овој ден започнале породилните болки на Пресвета Богородица. Во Македонија овој празник претставува еден од поголемите празници проследуван со многу обичаи и суеверија. Заедничко за сите македонски региони е тоа што смета дека се што ќе се прави на овој ден, ќе ви се случува во текот на целата година.