Денес средба на тема: „Кон родово инклузивен буџет во Општина Куманово“

Сподели со своите пријатели

Акција Здруженска во соработка со Женски центар – „Жена на 21 век“, Куманово организира средба „Кон родово инклузивен буџет во Општина Куманово“ денес во просториите на кружната сала на поранешен Комитет.

Основната цел на средбата е претставување на наодите, искуствата и препораките од мониторингот на процесот на подготовка на програмите и буџетот на Општина Куманово во однос на пристапот до јавни установи од социјална заштита – Установи за згрижување на деца од предучилишна возраст – градинки.

Истражувањето се однесува на следење на буџетскиот процес кој не е само процес на балансирање меѓу  приходната и расходната страна на буџетот, туку и процес на поставување на приоритети и донесување на одлуки за прашања што влијаат на секојдневниот живот врз мажите и жените и тоа на различни начини – велат организаторите.

Рамноправноста меѓу мажите и жените се однесува на еднаквиот третман во поглед на правата утврдени со законодавството и политиките, но и во поглед на обезбедување еднаков пристап до можностите и придобивките во општеството.

Буџетските програми претставуваат главна активност или група на активности кои се извршуваат согласно обврските утврдени со закон и друга правна регулатива. Програмите од различни области имаат различни позитивни и негативни ефекти врз жените и мажите.

Мониторинг на процесот на подготовка на програмите и буџетот на општините освен во Куманово се спроведуваше и во Свети Николе, Битола, Гостивар, Дебар и Тетовово соработка со локални женски  организации кои се вклучени во менторска програма за следење и известување за начините на кои приоритетите на жените од локалните заедници се третираат од локалните власти во процесите на годишно планирање и буџетирање – додаваат од „Здруженска“ .

Оваа средба е дел од активностите на проектот на Акција Здруженска „Родовата рамноправност во локалните буџети“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Општата цел на проектот е да е да го унапреди третманот на родовите прашања во буџетското планирање на локално ниво преку зајакнување на капацитетите и поддршка на локалните НВО за следење и застапување на родовата еднаквост во буџетските процеси.