Денес е Велика Сабота, ден на покојот

Сподели со своите пријатели

Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Тоа е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.

Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на христијанската жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Сабота е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Христовата Мајка – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Исуса Христа. Денес на овој ден се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот.

Во Македонија некои на Великата сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнијат. Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце. Во Радовиш носеле и свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носеле дома и со неа го запалувале огнот. На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат. На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.