Дел од жителите на ул. „150“ без канализациона мрежа

Сподели со своите пријатели

Без канализација во 21 век, вака живеат неколку семејства од улицата 150 во населбата Карпош. Се жалат дека иако на времето платиле за прилучок кон канализационата мрежа, денеска тоа не можат да го сторат на постоечката затоа што цевките кои во минатото биле поставени биле помали од потребите.

Иако општината не им понудила изградба на канализацона инфраструктура, тие биле подготвени тоа да го сторат и со сопствени средства, но безуспешно.

Со јами да живееш сега многу е тешко и затоа бараме од надлежните ако може да ни излезат во пресрет да се вклучиме да има канал, а сигурно дека во денешно време е можно да се изврши. Овие луѓе тука тешко им и треба да им се помогне, градоначалникот или надлежните органи да излезат да видат каква е состојбата како мое некој да узурпира канал да го нарекува дека е лична сопственост, колку пати се обидовме и со сопствени средства да вложат и да се приклучат излегуваат некои и не даваат не сакаат да слушнат велат тука не можете да се вклучите – вели жител на нселбата Карпош.

Друг жител вели дека домот започнал да го гради во 2000 година, но од тогаш не може да инвестира ништо повеќе додека не се реши прашањето со канализацоната мрежа.

Тогаш кога требаше да се гради плативме тоа што бараа на свој ризик градиш и очекуваш дека ќе дојде и до канал, меѓутоа до сега нема такво нешто а имаме платено. Мал простор за живеење, татко ми е петти тој на друг кат живее, додека ние сме во две соби живееме. Во 2000 година ја изградивме, за 17 години би можело да се оспособат барем две соби, но кога немаш услови што ќе инвестираш во нешто. Молба за приклучување на канал, соседите тука изградија нови две куќи па се надевам на подобри можности да се направи канал. Општината си има проект на времето имаше канал и тоа време така беше, а сега дали е сменето нешто не знам, за целата населба постои проект каде се предвидува и планира – велат жителите.

Директорот на јавното претпријатие „Водовод“, Горан Стојковски вели дека тие се должни да ја одржуваат водоводната и канализациона мрежа, додека за градбата е надлежна општината која врши поставување на канализациона мрежа со одлука на Советот.

Градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски вели дека локалната смаоуправа ќе направи напори да се согледаат можностите на теренот и овој проблем да биде решен.

Се трудиме на сите места каде имаме такви проблеми врз основа на согледување и анализа се прават технички решенија, меѓутоа тоа е резултат на диспропорција на постоечки шахти, колектори и нивна позиција како катастарска, односно нумеричка позиција на која се наоѓаат. Со такви причини јас за оваа работа ќе го информирам секторот и со ЈП „Водовод“ ќе направиме согледување и се трудиме во изнаоѓање на технички решенија, некогаш се можни брзи, некогаш не се можни решенија, некогаш се можни и решенија кои се малку поскапи меѓутоа има места каде решенија ќе мора да бидат ставени – вели Дамјановски.

Од секторот за урбанизам ни одговорија дека проблемот не може да биде решен се додека не се изготви новиот детален урбанистички план, затоа што без него не може да се подготвува никаква техничка документација, ниту да се реализираат градежни и инфраструктурни проекти во населбата Карпош.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.