Дел од становите во Куманово без бања, канализација и водовод

Сподели со своите пријатели

На територијата на Куманово има 38.147 станови, но населени се само 25.561 од нив со вкупна корисна површина од 3,8 милиони метри квадратни. 

Loading...

Како празни, зјаат дури 12.586 станбени единици со нешто над еден милион квадрати, покажуваат податоците од минатогодишниот попис.

Дел од становите без канализација и водовод

Од вкупниот број станови во Куманово, 4.509 немаат бања, а 416 имаат, но надвор од станот.

Дури 3.829 станови немаат тоалет, а 1.810 имаат, но надвор од објектот.

Без водоводна инсталација се 2.398 станови, а скоро 31.000 се приклучени на јавен водовод.

Систем за канализација немаат 3.526 станбени единици, а кај 1.365 отпадните води се влеваат во отворен канал, река, јама, бразда итн.

Според пописните податоци има и станови без инсталација за електрична енергија, вкупно 2.388. Скоро сите станови воопшто немаат инсталација за парно греење, вкупно 31.455, додека над 24.000 немаат климатизација.

Најголемиот дел од становите трособни, најчесто живеат само по двајца

Најголемиот дел од становите во Куманово се трособни, односно 6.477 од нив, додека во вкупниот број на стабените единици најчесто живеат само по двајца членови, односно во 5.156 станови.

Loading...

Постојат и 584 станови во кои живеат 10 или повеќе членови. Шест семејства живеат во еднособни живеалишта со над 10 членови.

Сами живеат 3.179 лица.

Над половина од зградите се енергетски неефикасни

Дури 63 отсто од зградите во Куманово се енергетски неефикасни или поточно 17.617 објекти од вкупно 27.897 колку што има според минатогодишниот попис.

Само 179 згради имаат лифт, а 273 имаат пристап за лица со посебни потреби.