Дамјановски: Со Тодоровски не контактиравме повеќе од 15 години (видео)

Сподели со своите пријатели

Не контактиравме повеќе од 15 години – вели првиот човек на Куманово, Зоран Дамјановски, за Кирчо Тодоровски, кој беше пронајден со прострлна рана во главата пред домот на градоначалникот. По една недела, Дамјановски за првпат во изјава за 24 Вести ги коментира настаните.

„Се надевам дека истрагата ќе покаже кои се мотивите и зошто ова се случило. Уште еднаш ќе потенцирам дека ми е многу жал за овој немил настан и сакам да кажам за јавноста дека Тодоровски не бил бизнис партнер во семејната фирма АДА. Тој беше менаџер до 2001 и  оттогаш немаме никаков контакт. Многу ми е жал, потенцирам и не сакам повеќе за тоа да давам изјави, а очекувам дека органите на истрагата ќе го дадат конечниот одговор“ – изјави Дамјановски.

Од кумановското обвинителство информираат дека истрагата е уште во тек. Од институтот за судска медицина велат дека обдукцијата на телото е завршена, но се очекуваат резулатите од дополнителни анализи, кои до крајот на неделата ќе бидат доставени до обвинителството.

Според неофицијалните информации, првичните наоди укажуваат на самоубиство.

Во меѓувреме во дел од медиумите пишуваа различни информации околу односот помеѓу Тодоровски и кумановскиот градоначалник. Дамјановски во ова гледа притисок.

„Единаесет години сум опозиција. Постојано сум изложен на големи притисоци и можеби тоа ме мотивираше уште повеќе да работам и да ги покажам моите заложби за мојот град“ – додава Дамјановски.

Тодоровски пет години бил вработен како менаџер во семејната градежна фирма на Дамјановски, „АДА“. Неговото безживотно тело беше пронајдено утрото на 26-ти септември во седечка положба, покрај влезната врата од станот на Дамјановски. Полицијата го пронашла пиштолот, како и отпушоци од цигари и траги од крв. Три часа откако било пронајдено телото на Тодоровски, во неговиот дом, пронајдена била и неговата сопруга, онесвестена со празни кутии за лекови покрај неа. Роднините веднаш ја однеле во болницата, каде лекарите од интерното одделение успеале да и го спасат животот.

Извор: 24 Вести