Дали Индија ќе стане новата Кина?

Сподели со своите пријатели

Во споредба со Кина, индиската економија останува мала бидејќи кинескиот бруто домашен производ е повеќе од пет пати поголем, но Индија бележи стабилен економски раст во последниве години, додека економскиот напредок на Кина изгуби на интензитет.

Loading...

Во иднина се очекува значителен пад на економскиот раст на Кина на годишна основа, пишува „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЗ).

Во исто време, индиската економија претрпе значителна трансформација и се придвижи кон стратегија ориентирана кон извоз.

Оваа година Индија стана најнаселена земја во светот и, како и Кина, има економски и геополитички амбиции во тој дел од светот.

Младата и растечка популација на Индија има потенцијал да ја зајакне нејзината економија, додека Кина, напротив, веќе се бори со стареењето и опаѓањето на населението.

Сепак, главниот проблем на индиската економија е фактот што значително повеќе луѓе живеат во руралните средини отколку во урбаните средини.

Во Индија околу 35 отсто од населението живее во урбани средини, додека во Кина тој процент е 62 отсто.

„Со повисок степен на урбанизација се зголемува и степенот на развој на една држава. Кога градовите растат поголеми, тоа е првенствено резултат на економскиот успех. Тие се атрактивни за меѓународните инвеститори и имаат поголема продуктивност“, пишува FAZ.

Loading...

Германскиот весник истакнува дека Кина се уште има далеку подобра инфраструктура од Индија и дека најголемите контејнерски пристаништа во светот се речиси исклучиво лоцирани во Кина.

„Аеродромите и железничката мрежа се модерни. Со мрежа на брзи возови долга 38.000 километри, Кина е на првото место. Значително е подобрен и градскиот сообраќај. Спротивно на тоа, Индија изгледа речиси сиромашно“, се наведува во текстот.

Индискиот океан е клучен за економските и геополитичките амбиции на двете земји, а Кина создаде појас околу Индија со Новиот пат на свилата.

Пекинг гради пристаништа, патишта и мостови во Мјанмар, Бангладеш, Шри Ланка, Пакистан, па дури и во Африка.

Со оваа стратегија „бисерен ѓердан“, Кина сака да го обезбеди своето влијание и да го ограничи растот на Индија.

Њу Делхи, пак, одговори со контрастратегија – зајакнување на односите со земјите кои граничат со Индискиот Океан и истовремено зајакнување на стратешките партнерства со Монголија, Виетнам, Јапонија, Сингапур и Индонезија.

Сепак, FAZ наведува дека конфликт меѓу двете земји може да настане на Хималаите каде што нема официјална граница меѓу Индија и Кина, пренесува Танјуг.