Лидерите на Русија и Белорусија најавија создавање на заеднички воени оперативни групи.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко инсистира дека Украина се подготвува да ја нападне неговата земја, со што ја оправдува можноста Белорусија директно да се вклучи во војната.
Прашањето што го поставуваат сите воени експерти и политичари во Украина и сојузничките земји е: колку е веројатно белоруската армија директно да учествува во конфликтот на страната на Русите?
Постои ли можност за нов руски напад од Белорусија, можеби во повторен обид за напад на Киев?
Би-Би-Си разговараше со политички и воени аналитичари за можноста – и изгледите – за таков развој на настаните.
Колку руски војници има во Белорусија?
Во текот на летото се разговараше за можни нови офанзиви од белоруска територија, но украинските вооружени сили известија дека ситуацијата во пограничните области засега е „без значителни промени“.
Сепак, оваа есен Русија ги обнови обидите да распореди војници на белоруска територија и ситуацијата стана посериозна по прогласувањето на делумна мобилизација.
Според украинската разузнавачка служба, Белорусија очекува 20.000 новомобилизирани војници од Русија.
На 10 октомври, на денот на масовниот ракетен напад врз Украина (кога некои проектили беа лансирани од Белорусија), Александар Лукашенко најави создавање на заедничка воена оперативна група со Русија.
До неодамна, рускиот контингент во Белорусија броеше 1.000 војници, вклучувајќи специјалисти за одржување на шест ловци, сигналисти за радарски станици и персонал за четири тактички ракетни системи Искандер и 12 противвоздушни системи С-400.
Останува нејасно колку тие бројки се променети, иако шефот на одделот за воена соработка на Белорусија, Валери Ревенко, тврди дека има 9.000 луѓе.
Ако им се верува на фотографиите кои се појавуваат на интернет, неодамна мобилизираните руски војници се распоредени токму во Белорусија.
На 17 октомври Белорусија објави дека од Русија ќе бидат испратени околу 170 тенкови, до 100 топови и минофрлачи со калибар поголем од 100 милиметри и 200 борбени возила како дел од новата оперативна група.
Според опозицискиот Телеграм канал „Белоруски Хајун“, возовите со руски војници ќе пристигнуваат во централните и северните делови на Белорусија – не на териториите што граничат со Украина.
Како тоа ја загрозува Украина?
Минатата недела Александар Коваленко, воен и политички коментатор од проектот „Информативен отпор“, истакна дека доколку сака да ѝ се закани на Украина со целосна инвазија, Русија ќе мора да концентрира не помалку од 40 баталјонски тактички групи во Белорусија.
Според тоа сценарио, станува збор за бројка од 24.000 до 28.000 војници.
Тоа е приближно колку силите што ја нападнаа Украина од Белорусија во февруари.
Значи, ако сега има 9.000 војници таму, тоа би претставувало не повеќе од 12 баталјонски тактички групи.
Како што истакнува Коваленко, не се работи за комплетни баталјони, туку за марширачки баталјони без опрема.
„Тоа е повеќе одвлекување отколку причина за вистинска паника“, додава тој.
Но, како и да е, ако рускиот контингент во Белорусија почне да расте брзо без предупредување, ќе има големи шанси Русија да се подготвува за инвазија со немотивирани, слабо обучени нови регрути.
Дали има доволно војници за инвазијата?
Иван Киричевски, експерт од украинскиот сајт Defence Express, за Би-Би-Си изјави дека е рано да се зборува за тоа.
„Само кога руските војници на другиот фронт ќе бидат толку исцрпени што не можат да ја одржат одбраната, Кремљ ќе издаде наредба за напад, за запирање на пенетрацијата на украинските сили.
Киричевски, сепак, се сомнева дека Русија ќе успее да собере доволно војници за нова офанзива од север.
Тој вели дека има една индикативна споредба: Русите се обидоа да формираат трет борбен корпус кој требаше да биде подготвен за борба до средината на август.
Корпусот беше подготвен за борба дури во септември и остана нецелосен.
Не беа подготвени, па Украинците лесно се погрижија за нив, особено во Харков“, истакнува овој стручњак.
Дали Украина е подготвена за напад од север?
Украинскиот генерал-полковник Сергеј Наев ги објасни руските успеси во северна Украина на почетокот на војната.
Според него, повеќето од постојните украински војници биле зафатени со конфликтот во Донбас, а во мирно време немало доволно единици на границата со Белорусија за одбрана од масовен напад.
Друг клучен фактор беше настанот што се случи само два дена пред инвазијата, кога белорускиот министер за одбрана Виктор Кренин му даде „офицерски збор на честа“ на својот украински колега Алексеј Резников дека нема да има напад од Белорусија – празни зборови.
Резников самиот го призна тоа, во интервју дадено за Вашингтон пост.
Генералот Наев вели дека Украина сега е подготвена за напад од Белорусија.
„Војниците кои се натрупуваат во Белорусија само ќе ја зголемат нашата подготвеност. Украинската команда соодветно ќе ги зголеми нашите сили и материјал“, објаснува тој.
Властите во пограничната област со Белорусија исто така размислуваат за борбена готовност.
Виталиј Ковал, водач на воено-цивилната администрација на регионот Ривне во Украина, кој дели 218 километри граница со Белорусија, за Би-Би-Си на украински изјави дека работата на зајакнување на граничната одбрана започнала пред седум месеци.
Според Ковал, инвазијата од север нема да биде лесна.
„Четириесет проценти од нашата територија е покриена со шума. И има непробојни шуми и мочуришта во северните области на границата со Белорусија.
„Да не зборуваме за 170 реки. Тоа се природни пречки за непријателската механизација. Мостовите над реките можат да бидат блокирани на различни начини и да го отежнат напредокот на непријателот“.
„Треба да бидете самоубиствени за да војувате со нас преку границата Белорусија и Украина“, додава тој.
Ќе влезе ли белоруската армија во војна на руска страна?
Белоруските копнени сили на крајот на минатата година броеле 17.000 лица, од кои огромното мнозинство биле регрути за воена служба.
Белоруската армија има оклопни возила и авијација и, според Иван Киричевски, белоруската офанзива има потенцијал да направи сериозна штета.
Сепак, војниците немаат борбено искуство.
Белоруските власти, вклучително и самиот Лукашенко, инсистираат на тоа дека не сакаат да ја нападнат Украина.
Меѓутоа, кога ќе се потсетиме на зборовите на Кренин од 22 февруари, таквите ветувања едвај претставуваат некаква гаранција.
Дали е можна белоруска мобилизација?
Пред неколку дена во белорускиот опозициски весник „Наша нива“ беше објавен текст под наслов „Донесена е одлука за мобилизација на Белорусија“.
Во текстот новинарите повикувајќи се на свои извори тврдат дека Лукашенко ја донел конечната одлука да изврши тајна мобилизација во Белорусија за да ги комплетира руските единици.
Според авторите на текстот, тоа ја зголемува веројатноста за ескалација на белоруско-украинската граница.
Во вторникот оваа информација беше потврдена од Генералштабот на украинските вооружени сили.
„Под закрила на кампови за обука, во белоруските вооружени сили се одвиваат тајни мобилизациски активности.
Според достапните информации, се обучуваат оператори на противвоздушни ракетни системи и тенковски екипажи“, соопштија од Генералштабот.
Минск официјално не ја објави мобилизацијата, а Лукашенко неодамна го негираше постоењето на таков план.
Ќе се борат ли Белорусите?
Алексеј Арестович, советник на началникот на кабинетот на претседателот Зеленски, рече дека иако навистина постои делумна тајна мобилизација во Белорусија, таа главно се однесува на воениот персонал специјализиран за градежништво.
„Тоа значи, главната задача на белоруската страна нема да биде да се бори против нас, туку да изгради некаков вид засолниште за руските војници“, изјави тој за рускиот опозициски канал на Јутјуб Феигин Лајв.
Арестович е убеден дека веројатноста за директно учество на белоруската армија во војната против Украина не е нула, туку останува исклучително мала.
За многу воени набљудувачи, еден показател за неподготвеноста на белоруската армија директно да влезе во војната е извозот на оружје и муниција од белорускиот арсенал во руските дивизии.
Киричевски смета дека со тоа Лукашенко се обидува да избегне директно белоруско вмешување против Украина.
Блогерите зад телеграм каналот „Белоруски Хајун“, исто така, мислат дека директното вклучување е само еден од многуте начини на кои би можело да се одигра идното сценарио.
Можно е белоруското учество да биде ограничено на подготовка на руска ударна група на сопствена територија, снабдување со оружје и овозможување обука на руски регрути во белоруските кампови – со што ќе се исклучи учеството на сопствените трупи.
Сепак, некои остануваат убедени дека порано или подоцна белоруската армија ќе мора да влезе во војната.
Тарас Чмут, шеф на украинскиот воен фонд за помош „Врати се живи“, коментираше за потенцијалното појавување на руските Искандери и С-400 во белоруската армија.
„Ќе одат во војна. Или тоа, или ќе победиме многу пред тоа и Руската Федерација ќе се распадне“.
Но, какво е вистинското расположение во Белорусија?
Лице кое разговараше со новинарите на Би-Би-Си на украински под услов да остане анонимно и има роднини во белоруската армија, го рече следново:
„Република Белорусија не сака да се бори. И тие нема да се борат“.