Четири лица загинаа денеска во израелски воздушен напад врз градот Мајфадун на југот на Либан, соопштија здравствените и безбедносните служби, а истиот ден загинаа и Палестинци на окупираниот Западен Брег.
Еден извор известува дека сите убиени се мажи.
Најголемиот дел од размената на оган меѓу либанската вооружена група Хезболах и израелската армија досега беше ограничена на пограничната област, но Маџфадун се наоѓа на 30 километри северно од границата.
Израелските сили, исто така, убија четири лица во окупираниот град Џенин на Западниот Брег, објавија во вторник службите за итни случаи, по ноќното насилство во кое уште четворица беа убиени во градот Тубас во близина на границата со Јордан.
Израелската армија објави дека извршила два воздушни напади на Западниот Брег, но не соопшти повеќе детали.
Насилството не престанува, се чека одмаздата на Иран
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека во напад на две возила во Џенин загинале четири лица, а уште едно лице е тешко повредено.
Нападот се случи во време на операција во Џенин за која снимките на социјалните мрежи покажаа дека вклучува колона оклопни возила и булдожери кои копаат патишта.
Додека Израел чека одмазднички напад од Иран по убиството на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије во Техеран минатата недела, насилството на Западниот Брег е уште еден показател за заканите со кои се соочува Израел на неколку фронтови.
Израелските сили убиле стотици Палестинци на Западниот Брег и Источен Ерусалим од почетокот на офанзивата на Појасот Газа. Многумина од нив биле вооружени борци, но меѓу жртвите има и млади луѓе кои фрлале камења, како и цивили кои не биле дел од конфликтот.
Во истиот период, палестинските напаѓачи убија 13 Израелци. Во вторникот, Палестинец со шрафцигер повреди граничен полицаец додека вршеше преглед на автобус во близина на Ерусалим. Напаѓачот е убиен.