Четирите лидери на повторна средба за решавање на политичката криза

Сподели со своите пријатели

Денешната средба е договорена по разговорите на партиските лидери одржани на 19 јуни во Клубот на пратениците. И тогаш сите ја искажаа целосна посветеност на договорот од 2 јуни постигнат со посредство на евокомесарот за преговори за проширување и европска соседска политика, Јоханес Хан.

Loading...

„Ние, лидерите на главните политички партии, денеска се согласивме уште еднаш да ја потврдиме нашата целосна посветеност на договорот од 2 јуни и да продолжиме со разговорите за негово целосно спроведување на лидерско ниво на 29 јуни. Ние, исто така  го поддржуваме транспарентното менаџирање од страна на ЕУ со текстот на овој договор, како и со сите специфични препораки поврзани со системските реформи во областа на  владеењето на правото кои ќе бидат спроведени во интерес на сите граѓани“, беше наведено во заедничкото соопштение по средбата на 19 јуни.

Во препораките на Советот на ЕУ се вели дека во Македонија треба да се направат итни реформи во областа на владеењето на правото и основните права, деполитизација на јавната администрација, слободата на изразување и изборните реформи.

На 23 јуни Владата усвои План за нови реформи за европската интеграција фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата со конкретни мерки и рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат.

Во Клубот на пратениците, најверојатно повторно во 13,30 часот денеска ќе се одржи нова лидерска средба меѓу претседателите на четирите најголеми партии – Никола Груевски на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев на СДСМ, Али Ахмети на ДУИ и Мендух Тачи на ДПА.

На средбата ќе учествуваат и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли, амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав и белгискиот експерт Петер Ванхут, кој деновиве се обидуваше да ги доближи позициите на Груевски и Заев.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.