Четири бебиња во Новогодишната ноќ во Куманово, првото машко (фото+видео)

Сподели со своите пријатели

Четири бебиња се родиле на првиот ден од новата 2018 година, а првото е машко, родено 45 минути по полноќ на Одделението за гинекологија и акушерство во кумановската Општа Болница, од 29-годишната Емина Адиљи.

Loading...

Бебето Ерион е родено живо и здраво, тешко е 3,4 килограми , долго 51 сантиметар. Во новогодишната ноќ родени се две момчиња и две девојчиња.

– Во 00:45 беше породувањето со царски рез поради ножна презентација. Мајката и сите други мајки се добри и бебињата исто така, изјави др. Наиле Османи која го извршила породувањето.

На подарок од градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски доби штедна книшка со просечна македонска плата, а воедно како и сите бебиња кои ќе се родат годинава, на подарок од локалната самоуправа и ЈП „Чистота и зеленило“ на домашна адреса ќе добијат една садница.

– Им честитам на сите родители за приновите во семејствата. Традиционално на првороденото дете општина Куманово му дава една просечна плата и исто така други подароци и сакам да најавам дека од денеска согласно програмата на општина Куманово, која ќе ја реализираме со ЈП „Чистота и зеленило“, а ја нарековме „Посади живот за живот“ секое новороденче откако ќе се роди во првите 30 дена на домашна адреса ќе добие подарок зелена садница за која ќе имаат обврска родителите на детето да ја засадат на нивниот имот или било каде во општината, изјави Димитриевски кој се заблагодари на професионалниот тим од Одделението за гинекологија и акушерство.

Во кумановската општа болница минатата година биле родени 1.383 деца, односно за 30 помалку споредбено со претходната година, рече началникот на Одделението за гинекологија и акушерство, Нисо Тасо.