Претседателот на Чешка очекува дека западната поддршка за Украина ќе се намалува со текот на времето, пишува во средата германскиот весник Sueddeutsche Zeitung, што е една од првите изјави на членка на НАТО што укажува на можен пад на поддршката за Киев.
Чешката влада и другите членки на НАТО обезбедуваат воена помош на Украина во борбата против руската инвазија.
Но, Петр Павел, поранешен генерал на НАТО, рече дека резултатите од претседателските избори во САД следната година ќе влијаат на европската поддршка за Украина и дека Киев мора да биде свесен дека оваа година е одлучувачка.
„Доколку ослабне поддршката од САД, истото се очекува и во неколку други европски земји. Украина мора да го земе тоа предвид“, рече Павел.
„Мора да се земе предвид заситеноста на војната и како таа влијае на поддршката на западните земји. Таа со текот на времето ќе се намалува“, нагласи тој.
Павел, кој победи на претседателските избори во јануари, досега силно ја поддржуваше континуираната воена помош за Украина.
Тој е силен поддржувач на цврстата интеграција на неговата земја во Европската унија и НАТО алијансата, што е промена од поранешниот претседател Милош Земан, кој одржуваше добри односи со Москва и Пекинг.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.