Претседателот на Чешката Република Петр Павел изјави дека верува наместо целосниот успех на украинската контраофанзива „во помалку амбициозен исход“ кога Украина ќе се обиде да ослободи што е можно поголем дел од територијата окупирана од Русија, по што ќе биде време за почеток на мировните преговори.
„Украинците ќе се обидат да ослободат што е можно поголем дел од нивната територија. Штом се исцрпат нивните капацитети и нема да можат да продолжат со контраофанзивата, најверојатно ќе дојде време за преговори“, изјави чешкиот претседател Павел, кој е генерал во пензија, за австрискиот весник „Пресе ам Зонтаг“.
Чешкиот претседател оцени дека тоа најверојатно би можело да се случи во октомври годинава.
„Во тоа време теренот станува тежок за совладување на тенковите. Она што Украинците ќе го постигнат дотогаш очигледно ќе биде резултат за оваа година. Тоа ќе доведе или до преговори или до некакво замрзнување на конфликтот во текот на зимата и подготовка на следната фаза од борбите следната година“, рече Павел, пренесува Бета.
Тој ги критикуваше западните земји и НАТО, во кој некогаш беше втор човек, односно шеф на Воениот комитет, дека испораките на оружје на западните сојузници за Украина „не биле доволно брзи и недоволно значајни“.
„Толку долго разговаравме за испраќање борбени авиони што тие повеќе нема да можат да се вклучат во украинската контраофанзива, дури и ако одлуката беше донесена денеска“, рече Павел.
Како оптимистичко сценарио за најавената украинска контраофанзива, чешкиот претседател го наведе ослободувањето на целата нејзина територија, вклучително и областите кои се окупирани од 2014 година.
Тој го оцени таквиот исход како многу амбициозен и можен, но предуслов за тоа, според него, ќе биде колапсот на руската армија, што може да се случи поради слабиот морал, лошата логистика и погрешните одлуки.
Но, претседателот Павел нагласи дека исходот најверојатно ќе биде различен, бидејќи иако верува дека продолжувањето на војната предизвикува проблеми за руската економија, а голем број загинати може да предизвикаат руски протести, ситуацијата сепак е доста поволна за рускиот претседател Владимир Путин.
„Со чекање, тој ги турка Украинците во контраофанзива, а Западот во дополнителна поддршка, која троши не само финансии, туку и арсенал оружје. Се потешко е да се обезбеди поддршка од јавноста“, изјави чешкиот претседател во интервју за австриски весник, што го пренесоа чешките медиуми.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.