Челзи и Барселона ремизираа, Баерн си обезбеди четвртфинале

Сподели со своите пријатели

Натпреварот меѓу Челзи и Барселона на „Стемфорд бриџ“ заврши нерешено 1:1, додека Баерн Минхен на домашен терен со убедливи 5:0 го совлада Бешикташ во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Во првото полувреме Барселона ја имаше контролата на теренот, но Челзи беше поопасен благодарение на Вилијан, кој двапати ја погоди рамката од голот на Тер Штеген.

Натпреварот резултатски го отвори токму Вилијан во 62. минута кога постигна гол за водство на Челзи од 1:0.

Но, 13. минути подоцна по пропуст на одбраната на домаќините, Иниеста го проигра Меси кој во деветиот меч против Челзи го постигна својот прв гол со кој донесе израмнување за Барселона.

Патникот во четвртфиналето ќе биде познат по реваншот на „Камп ноу“, а предноста е на страна на Барселона.

Во вториот осминафинален натпревар Баерн Минхен со високи 5:0 го декласираше Бешикташ.

Баерн првиот гол го постигна во 43. минута преку Милер, а во второто полувреме Милер даде уште еден гол, Левандовски два и еден Коман.

Германскиот прволигаш уште на првиот натпревар го обезбеди пласманот во четвртфиналето. /МИА

Leave a Reply