Цените на нафтата паднаа по тринеделен раст

Сподели со своите пријатели

На светските берзи цените на нафтата паднаа минатата недела, по три недели последователен раст, бидејќи забавувањето на економскиот раст доведува до слабеење на побарувачката за енергетски производи.

Loading...

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 2,6 отсто, на 95,99 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 3,9 отсто, на 88,96 долари.

Падот на цените е последица на забавувањето на економскиот раст, бидејќи како резултат на тоа слабее и побарувачката за нафта.

Минатата недела беше објавено дека залихите на нафта во САД пораснале за 3,9 милиони барели во претходната недела, достигнувајќи го највисокото ниво од јули 2021 година, а тоа укажува на слабеење на потрошувачката на гориво од Американците.

Од друга страна, цените се поддржани од надежта на трговците дека побарувачката би можела малку да зајакне, по одлуката на кинеските власти да ги олеснат мерките насочени кон борба против Ковид-19.

Олеснувањето на ограничувањата вклучува скратување на карантинот за блиски контакти на болните и странските посетители на два дена и укинување на казните за авиокомпаниите кои носат заразени патници.

Покрај одредбите за работа од дома што ја ограничуваат мобилноста и ја намалуваат побарувачката за гориво, патувањето низ Кина сè уште е пригушено бидејќи Кинезите сакаат да го избегнат ризикот да завршат во карантин, пишуваат во белешката аналитичарите на ANZ Research, пренесува SEEbiz.

Пазарот беше поттикнат и од послаб долар, бидејќи ја прави нафтата поевтина за купувачите со други валути, што ја зголемува побарувачката.

Loading...

Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на САД во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела потона речиси четири отсто.

Цените се поддржани од претстојното стапување во сила на ембаргото на ЕУ за руската нафта, како и неодамнешната одлука на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери за намалување на производството.

Откако минатата година цените на нафтата скокнаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на економското закрепнување од корона кризата, од почетокот на оваа година тие пораснаа за околу 20 отсто, што најмногу е последица на војната во Украина.