Бурата Ита денеска ги погоди Никарагва и Хондурас со обилни врнежи од дожд по што предизвика големи поплави и лизгање на земјиштето во Централна Америка, а се стравува дека загинаа најмалку три лица, а десетици рибари се заробени на Атлантикот.
Ита, една од најмоќните бури што се случиле во Централна Америка во последните неколку години, ја погоди Никарагва како ураган од категорија 4 на петстепената скала Сафир-Симпсон пред да ослабне и да се претвори во тропска бура што се движи кон внатрешноста.
Куќи, патишта и клучна инфраструктура се загрозени од силниот ветер, а илјадници луѓе беа евакуирани.
Поплавата беше толку екстремна во градот Ел Прогресо во северниот дел на Хондурас, што затворот беше преплавен до нивото на струкот, а ѕидот се урна, по што 604 затвореници во таа институција беа префрлени во локалните спортски сали, изјави полицискиот комесар Хуан Молина за локалната телевизија.
Медиумите во Никарагва објавија дека во свлечиште загинале двајца рудари. Во Хондурас 13-годишно девојче загина во свлечиште во нејзиниот дом, соопшти противпожарната служба.
Вчера, околу 60 рибари беа заробени во морето во источниот регион Москуитија во Хондурас, според локалните власти. Досега морнарицата не успеа да се обиде да ги спаси рибарите поради опасните временски услови, изјави Даглас Еспинал, началник на противпожарната служба на пристаништето Порто Лемпира.
Сега се предвидува дека Ита ќе напредува преку Хондурас во текот на денот пред да се префрли преку Белизе и да се врати на Карибите преку Куба на крајот на неделата. Се очекува да пристигне на Флорида како тропска бура до понеделник, објави Националниот центар за урагани (НХЦ).
Ита е 28-та именувана тропска бура во сезоната на урагани на Атлантикот во 2020 година, што е еднакво на рекордот поставен во 2005 година, соопшти НХЦ.
Сања Костовска