Повеќе од 100 луѓе се убиени во израелските напади во Газа од објавувањето на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците во средата, според Цивилната одбрана на Газа.
Бројот на загинати вклучува најмалку 27 деца.
Локалните екипи за итни случаи опишаа сцени на немилосрдно бомбардирање откако Израел и Хамас постигнаа договор, кој се очекува да стапи на сила во наредните денови, во очекување на гласањето од страна на израелската влада за одобрување на договорот, пренесува Си-Ен-Ен.
Во текот на ноќта, повеќе од 20 луѓе загинаа во израелски напади врз згради во кои живеат луѓе во Газа, соопшти во петокот Цивилната одбрана.
Меѓу нив има девет лица убиени откако семејна куќа беше гранатирана во Ал-Јарн, северно од градот Газа, според портпаролот на цивилната одбрана Махмуд Басал.
Во Кан Јунис, во јужниот дел на Газа, четири лица загинаа во напад на израелски хеликоптер во петокот рано наутро, изјави истиот извор.
Во меѓувреме, две тела беа извлечени од друга куќа во центарот на Газа, откако беше нападната од израелските сили, рече Басал. Три тела останаа под урнатините, рече тој.
Си-Ен-Ен ја контактираше израелската војска за повеќе информации за нападите во Газа рано во петокот.
За потсетување, израелскиот безбедносен кабинет ќе се состане во петок за да разговара за прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците, изјави израелски претставник.
Состанокот доаѓа пред поширокото владино гласање за одобрување на договорот, што се очекува во сабота.