Бројот на Украинци кои побегнале во соседните земји од борбите во Украина се искачи на околу 368.000 од почетокот на руската инвазија, а нивниот број „продолжува да расте“, соопшти денеска Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).
„Тој број се заснова на податоците што ни ги дадоа националните власти“, се вели во пораката на УНХЦР на Твитер. Претходно агенцијата на ОН објави дека во соседните земји има повеќе од 200.000 бегалци.
УНХЦР објави дека бројот на луѓе кои бегаат од руската инвазија постојано се менува.
Полската гранична стража денеска соопшти дека 156.000 бегалци преминале во Полска од почетокот на рускиот напад врз Украина, а на граничните премини од украинската страна се формирани долги колони, а на преминот се чека и до 70 часа.
ОН во саботата процени дека најмалку 150.000 луѓе избегале од Украина во Полска и други земји, вклучувајќи ги Унгарија и Романија.
Словачките власти соопштија дека во претходните 24 часа до 6 часот по Гринич (7.00 часот по средноевропско време) во саботата, околу 10.000 луѓе влегле во земјата на нивните три премини, што е десет пати повеќе од вообичаената бројка, јави денеска Би-Би-Си (ББЦ).
Повеќе од 43.000 Украинци побегнаа во Романија во трите дена по инвазијата на Русија.