Брод со десетици мигранти потона во Егејското Море

Сподели со своите пријатели

Грчките власти започнаа голема операција за пребарување и спасување источно од островот Карпатос во Егејското Море, откако брод со десетици мигранти потона таму во текот на ноќта, јавува АП.

Loading...

Крајбрежната стража денеска соопшти дека 29 мигранти, сите мажи, биле спасени од морето на 61 километар југоисточно од Карпатос, остров меѓу Родос и Крит, пренесува АП.

Утврдено е дека станува збор за државјани на Авганистан, Ирак и Иран, а на властите им рекле дека на бродот кога потонал имало околу 60 до 80 лица, соопшти крајбрежната стража.

Спасените изјавија дека тргнале од областа Анталија, на јужниот турски брег и пловеле кон Италија, кога во текот на ноќта се случил бродоломот.

Во операцијата за пребарување и спасување учествуваат два патролни чамци на крајбрежната стража, брод на грчката морнарица, хеликоптер на воздухопловните сили и најмалку три брода кои пловат во близина, соопшти крајбрежната стража.

Најчестиот поморски пат за мигрантите од Блискиот Исток, Азија и Африка е од Турција до блиските грчки острови, но со тоа што грчките власти ги зголемуваат патролите во Егејското Море и известуваат дека Турција накратко ги депортира луѓето без да им дозволи да аплицираат за азил. многумина сега ја заобиколуваат оваа рута и се обидуваат да поминат подолга, поопасна рута директно до Италија, пишува АП.