Шефот на европската дипломатија Јосеп Борел ја предупреди Кина на влошување на односите со Европската унија поради несогласувањата за ситуацијата во Украина.
Тој вчера на прес-конференција во Стокхолм, по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, рече дека односите меѓу ЕУ и Кина нема да се развиваат нормално доколку Кина не влијае на Русија да се повлече од Украина.
„Ја повикуваме Кина, како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, да влијае на Русија да ја запре оваа војна и да одигра конструктивна улога во постигнувањето праведен мир за Украина“, рече Борел, како што е објавено на веб-страницата на Европската Унија, пренесува Танјуг.
Борел укажа и на неурамнотежените трговски односи со Кина во контекст на економската безбедност и додаде дека ЕУ треба да избегне зависност од Кина во клучните сектори на економијата.
„Потребна е многу работа за да се елиминираат ризиците. Повторното разгледување на нашите економски односи со Кина ќе потрае. Мораме да се ангажираме со Кина на многу фронтови, за многу различни прашања, а во исто време треба да се натпреваруваме со Кина и да ја намалиме нашата зависност, кога таа станува преголема и ризична“, рече Борел.
Тој оцени дека во последно време сè поизразена е димензијата на ривалство, како и дека мора да се има избалансиран пристап во односите со Кина. Министрите за надворешни работи на ЕУ, исто така, ја истакнаа важноста од поддршката на Украина, рече Борел, додавајќи дека е долгорочна посветеност на таа земја да ѝ се обезбеди финансиска, хуманитарна и воена помош.
– Важно е да се обезбедат средства за Украина да се одбрани и да ја победи Русија, додаде шефот на европската дипломатија и потсети дека во последните 15 месеци е обезбедена воена поддршка од околу 15 милијарди евра, што, како што наведе, е значајно, но во наредниот период да се издвојат повеќе.
„Сакам да испратам јасна порака до Путин – нема да се замориме. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина се додека е потребно. Украина е жртвата, а Русија е агресорот“, рече Борел и додаде дека ако Украина сака да постои како нација, мора да продолжи да се бори.
„Не сакаме Украина да стане уште една Белорусија. И затоа мировната формула на претседателот Володимир Зеленски за нас е единствената сеопфатна рамка за праведен, одржлив мир во Украина“, рече Борел.
Тој исто така рече дека ЕУ продолжува да се залага за одржување на статус кво во Тајван и деескалација во Тајванскиот теснец.
Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска разговараа за заедничката стратегија во односите со Кина и за продолжување на помошта за Украина.
Надворешната служба на ЕУ подготви посебен извештај, кој ќе биде дополнет со резултатите од дискусијата и ќе биде претставен на еден од претстојните самити на лидерите на ЕУ.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.