Благо намалување на хоспитализирани пациенти во Куманово (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Благ тренд на намалување на бројката на хоспитализирани пациенти со Ковид-19 е регистриран во Општа болница Куманово, вели директорката Снежана Захариева.

Loading...

Како што истакна таа во моментот се хоспитализирани 104 пациенти на болничко лекување, слободни се 20 кревети, но состојбата сѐ уште не е смирена.

– Имаме благ тренд на намалување на бројката меѓутоа далеку од тоа дека можеме да бидеме спокојни, да велиме  дека бројките се драстично намалени. Пак ќе апелирам, ако велиме дека во оваа битка сите сме заедно треба сите да си помогнеме што полесно да се справиме со пандемијата и да овој број навистина биде намален, за да можеме не само новогодишните празници да ги дочекаме спокојно, туку во 2021-та  година да влеземе со што помал број на заболени и да очекуваме веќе во 2021-та да се стави крај на пандемијата, изјави Захариева.

За нијанса се бележи и намалување на потрошувачката на кислород, што според Захариева значи дека има полесни и средно тешки пациенти.

 

 

– Доаѓаат и тешко болни пациенти со кои што навистина водиме битка за секој човечки живот. Оние што се навистина во исклучително тешка состојба ги упатуваме во скопските клиники или во  8 септември, рече директорката.

Loading...

Градежните работи на модуларната болница се во тек и се очекува до крајот на оваа година да бидат примени и првите пациенти во тој дел.

– Во тек е поставување на тампон и припрема на подлога на која што ќе биде поставена монтажната болница. Инфраструктурните работи ќе ги завршат јавните претпријатија под општина Куманово, со нив соработуваме, постојано сме во контакти и на терен излегуваат со нас, очекуваме некаде околу 25 декември да биде поставена болницата, а потоа секако внесување и на инвентарот. Новата година се надевам дека ќе ја дочекаме со веќе поставена модуларна болница, изјави Захариева.

Според последната статистика во Куманово активни се 638 случаи на коронавирус.

Никола Ивановски

Leave a Reply