Водостојот на реката Пчиња бележи благ пораст по вчерашните врнежи од дожд кои го зафатија кумановскиот крај.
Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи направени утринава во 07:30 часот на мерната станица лоцирана во атарот на селото Пелинце, водостојот на Пчиња изнесува 30 сантиметри.
Тоа е благ пораст по долго време, ако се земе предвид дека во изминатите месеци нивото на Пчиња изнесуваше дваесетина сантиметри поради долгиот сушен период.
Сепак и натаму водостојот на оваа река останува под просекот за овој период од годината кој изнесува 47 сантиметри.
Со оглед дека синоптичарите на УХМР најавија нови врнежи од дожд и снег веќе во текот на ноќта и утре, се очекува нивото на реката дополнително да се зголеми.
Никола Ивановски