Германската канцеларка Ангела Меркел и членовите на кабинетот во ниту еден момент не беа во опасност кога автомобил се заби во оградата на влезот на нејзината канцеларија, изјави денеска портпаролот на германската Влада.
Според него, ударот предизвикал само помала материјална штета.
Во меѓувреме, полицијата соопшти дека не верува дека станува збор за терористички напад. – Во моментов не работиме врз основа на таква претпоставка, изјави портпаролката на полицијата на новинарско прашање дели постои сомнение дека станува збор за терористички напад.
„Во тек е истрага да се утврди дали возачот намерно удрил во капијата. Тој е уапсен“, напиша берлинската полиција на Твитер.
Во инцидентот е повредено едно лице, кому лекарите од Брза помош му укажале медицинска нега на местото на настанот, јави ДПА.
Автомобил управуван од засега неименувано лице денеска удри во оградата на канцеларијата на германската канцеларка, а медиумите известуваат дека регистарските таблички на возилото Фолксваген Седан се исти со оние на автомобил кој учествуваше во сличен инцидент во 2014 година, кога возило се заби во канцеларијата на канцеларката со пораки напишани на вратите.
Според фотографиите на социјалните мрежи, на автомобилот што денеска удри во портата биле напишани и пораки. „Стоп за политиката на глобализација“ и „Проклети убијци на деца и стари луѓе“, пишува на вратата од автомобилот.
Во моментот на инцидентот германската канцеларка се подготвувала за виртуелен состанок со премиерите на 16-те провинции со цел да се разгледаат натамошните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.
Сања Костовска