Белорусија одржа референдум за усвојување на нов устав со кој ќе се смени статусот на нуклеарното оружје и ќе се овозможи нивно стационирање на нејзина територија, во време кога тоа стана почетна точка за руските напади врз Украина.
Сосема извесно е дека ќе се гласа и за откажување од претходниот статус на Белорусија како земја без нуклеарно оружје, со оглед на тоа што референдумот се одржува под строга контрола на претседателот Александар Лукашенко.
Така, за прв пат откако Белорусија се откажа од нуклеарното оружје по падот на Советскиот Сојуз, тоа повторно може да се најде на нејзина почва.
Обраќајќи се на гласачкото место во неделата, Лукашенко рече дека може да побара од Русија да и го врати нуклеарното оружје на Белорусија.
„Ако вие (Западот) пренесете нуклеарно оружје во Полска или Литванија, до нашите граници, тогаш ќе побарам од Путин да го врати нуклеарното оружје од кое безусловно се откажав“, рече Лукашенко.
Лукашенко се сврте кон Русија по големите протести
Лукашенко се сврте кон Русија кога во август 2020 година избија масовни протести против неговото 28-годишно владеење и ги надмина западните санкции со помош на руски заеми.
Ривалката на Лукашенко на изборите во 2020 година, прогонетиот лидер на белоруската демократска опозиција Светлана Тихановска, ги повика Белорусите да го искористат референдумот како протест против агресијата врз Украина.
„Долго време не знаев како да го започнам овој апел. Зашто, како можеш да бараш смели потези од луѓето кои живеат во страв година и пол? рече Тихановска во специјалното обраќање, а пренесе Ројтерс.
„Војната во која сме инволвирани започна пред два дена, но Белорусите сè уште јавно не го кажаа своето противење на тоа, ниту им го покажаа на Украинците во нивните постапки. Затоа, дали имам право да ве замолам да направите такво нешто? Можеби немам. Но нема да си простам ако барем не се обидам“, додаде Тихановска.
Западот нема да ги признае резултатите од референдумот
Видеа и фотографии од Минск и други градови во Белорусија, објавени на социјалните мрежи, покажуваат граѓани собрани на избирачките места. Во неколку снимки можете да видите многу од нив како извикуваат „Не на војната!“.
„Во моментов не може многу да се направи, среде овој терор и ужас во кој живееме. Но, не би си простила што барем нешто не се обидов да направам. Тие веќе не сметаат за учесници“, вели
Западот веќе најави дека нема да ги признае резултатите од референдумот кој се одржува во позадината на големата пресметка меѓу власта и нејзините противници.
Активистите за човекови права предупредуваат дека од минатата недела белоруските власти приведоа повеќе од илјада луѓе кои се сметаат за политички затвореници.
На гласачките места во неделата настапија аматерски ансамбли, додека во близина се продаваше храна и евтин алкохол.
Новиот устав, доколку биде изгласан, ќе му ги даде сите овластувања на Себелоруското национално собрание, кое се состои од партиски лојалисти на Лукашенко, локални советници, функционери и членови на провладини активистички организации.
Тоа, исто така, ќе му обезбеди на претседателот доживотен имунитет од кривично гонење.