Белгија стравува дека до средината на ноември веќе ќе нема места на интензивна нега

Сподели со своите пријатели

Белгиските здравствени власти почнаа и официјално да предупредуваат за втор бран од Ковид-19 во земјата, и наведуваат дека доколку не се намалат итно бројките одделите за интензивна нега ќе бидат сатурирани за еден месец, јави дописничката на МИА од Брисел.

Loading...

Портпаролот на Кризниот штаб, Ив Ван Латем, на денешната прес конференција порача дека зголемувањето на бројот на новозаразени од Ковид-19 е алармантно. Изминатата недела во просек се заразени над 5.000 лица дневно, што значи дека стапката на новозаболени двојно се зголемува на секои седум дена.

На 9 октомври беа регистрирани над 7.000 новозаразени,а засегнати се сите возрасни групи.

Главниот град Брисел е посебно погоден, за прв пат дваесет отсто од тестовите се позитивни, изјави портпаролот.

Хоспитализациите го надминаа прагот од 200 нови дневно, во споредба со сто минатата недела.

-Ова ја докажува моќта на овој експоненцијален раст, што почнува бавно, се зголемува постепено и експлодира на крајот. Вирусот е лажно бавен, објаснува портпаролот.

Белгија моментално има 281 лице на интензивна нега, а бројот на пациенти на реанимација двојно се зголемува секои дванаесет дена. Земјата сака по секоја цена да избегне да се постигне максималниот капацитет на одделите за интензивна нега, а со сегашното темпо до средина на ноември би се постигнала окупација на 2.000 кревети на интензивна нега, што е максималниот капацитет, по што болниците ќе бидат преоптоварени.

Мора апсолутно да се избегне ова сценарио, апелираше Институтот за јавно здравје.

Loading...

Портпаролот за прв пат го употреби терминот “втор бран“ во официјална комуникација денеска, но повика да не се паничи.

-Не сме во иста ситуација како во март и април, подобро го познаваме вирусот, и знаеме што треба да сториме за да го контролираме, но тоа мора да биде сторено, рече Ван Латем.

Тој уште еднаш апелираше да се почитуваат мерките и посебно да се стави крај на собирањата во приватни кругови, каде највеќе се шири вирусот.

Сашко Димевски

Leave a Reply