Белата куќа им нареди на федералните агенции да го забранат ТикТок на нивните уреди

Сподели со своите пријатели

Американските федерални агенции треба да се погрижат нивните уреди повеќе да ја немаат апликацијата ТикТок и имаат рок од 30 дена да го сторат тоа, објави синоќа Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа.

Loading...

Американските членови на Конгресот сметаат дека апликацијата, во сопственост на кинеската компанија ByteDance, е закана за националната безбедност и ја забраниле нејзината употреба на уредите на нивните вработени на гласањето на крајот на декември.

Наредбата на канцеларијата на Белата куќа е спроведување на тој закон, кој беше ратификуван од претседателот Џозеф Бајден на почетокот на јануари.

Директорката на канцеларијата, Шаланда Јанг, во меморандум побара од американските владини агенции да ја прекинат и забранат инсталацијата на апликацијата на нивните уреди или уреди што ги контролираат и да забранат „интернет врски“ од нивните уреди со апликацијата.

Забраната не се однесува на американските субјекти независни од федералната влада или на милиони поединци кои користат Тикток.

Американската унија за граѓански слободи (ACLU) го осуди новиот закон, велејќи дека тој всушност претставува забрана за ТикТок.

„Конгресот не треба да цензурира цели платформи и да им го одземе на Американците уставното право на слобода на говор и изразување“, рече главниот советник за политика на ACLU, Џена Левентоф.

„Имаме права да користиме ТикТок и други платформи за да ги споделиме нашите мисли, нашите идеи и нашите ставови со луѓето во земјата и ширум светот“, додаде таа.

Loading...

Западот сè повеќе ја испитува популарната платформа за кратко видео, плашејќи се дека Пекинг би можел да добие пристап до корисничките податоци ширум светот.

Забраната на американската сојузна влада доаѓа неколку дена по сличната одлука на Европската комисија, која ја забрани апликацијата ТикТок од нејзиниот персонал со цел да ја „заштити“ институцијата.

Канадската влада, исто така, вчера објави дека ќе го забрани TikTok на мобилните уреди што ги обезбедува на својот персонал, наведувајќи го „неприфатливото ниво на ризик“ за приватноста и безбедноста.

ТикТок е меѓу забранетите апликации во Индија од 2020 година.

Со повеќе од една милијарда активни корисници ширум светот, ТикТок е шестата најкористена социјална платформа, според најновиот извештај We Are Social, кој го следи развојот на дигиталниот сектор, објавен во јануари.

Во ноември, ТикТок призна дека некои од неговите вработени во Кина можеле да пристапат до податоците на европските корисници, а во декември призна дека вработените ги користеле тие податоци за да ги шпионираат новинарите.

Сепак, групата негира дека кинеската влада има каква било контрола или пристап до нејзините податоци.