Белата куќа денеска објави дека руски официјални лица посетиле аеродром во централен Иран најмалку двапати во последните неколку недели, со цел да ги потврдат можностите на беспилотните летала што сакаат да ги набават за потребите на војната што Москва ја води во Украина, пренесува АП.
Иран ги претстави беспилотните летала на руските власти на аеродромот во Кашан на 8 јуни и 15 јули, соопшти Белата куќа.
Американската администрација објави и сателитски снимки од беспилотните летала Шахид-191 и Шахид-129, кои исто така беа прикажани во лет на аеродромот, додека транспортниот авион на руската делегација бил на земја.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан прецизираше во соопштението дека американската администрација има „информации дека иранската влада се подготвува да ѝ обезбеди на Русија неколку стотици беспилотни летала“.
„Проценуваме дека официјална руска делегација неодамна присуствуваше на показна вежба на ирански беспилотни летала способни да извршуваат напади. Ги објавуваме овие фотографии направени во јуни, на кои се прикажани ирански беспилотни летала кои тој ден ги набљудувала руската владина делегација“, додаде Саливан во соопштението.
Саливан, исто така, рече дека ова укажува на континуираниот интерес на Русија за набавка на ирански беспилотни летала способни за напад, и дека американските власти веруваат дека посетата во јуни е прва од ваков вид, во која руска делегација го посети аеродромот за да ги прикаже беспилотните летала.
Американската администрација ги објави разузнавачките податоци во време кога американскиот претседател Џозеф Бајден се среќава со шефовите на државите на шесте арапски земји од Персискиот залив, како и со лидерите на Египет, Јордан и Ирак на регионален самит, јави АП.
Се очекува, според соопштението на Белата куќа, кога ќе разговара со Советот за соработка во Персискиот залив и неговите арапски сојузници, американскиот претседател да ја понуди својата „најреална визија“ насочена кон зајакнување на позицијата на САД во регионот и нејзино усогласување со Иран.
Бајден се обидува да ја зајакне координацијата меѓу сојузниците на Блискиот исток како одговор на руската инвазија на Украина, а многу земји од Персискиот залив, особено Саудиска Арабија, имаат сериозна загриженост за активностите на Иран во регионот, пренесува АП.
Ниту една од земјите учеснички на самитот не ги следеше американските мерки за санкционирање на Русија, што е клучен надворешнополитички приоритет за администрацијата на Бајден.
ОАЕ дури се појавија како еден вид финансиско засолниште за руските милијардери и нивните мултимилионски јахти, додека Египет останува отворен за руски туристи, според АП.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.