Уганда објави дека регистрирала бејби бум од горили во националниот парк кој е под заштита на УНЕСКО и една од најголемите туристички атракции во таа африканска земја.
Пет бебиња горили се родени за само шест недели во Националниот парк Бвинди, објави УВА, агенција за заштита на природата на Уганда.
Паркот се наоѓа во југозападна Уганда, долж границата со Демократска Република Конго.
Последната горила се родила викендов, со што бројот на новороденчиња се искачи на седум оваа година. Само три се родени минатата година. Сите бебиња се родени во иста група по име Рушегира.
„Ова е крајно невообичаено, тоа е голем благослов“, рече Башир Ханги, портпарол на УВА.
Тој додаде дека големиот број родени горили е показател дека мерките на конзервација успеваат, и покрај честите случаи на ловокрадство и други закани за дивината.
Туризмот е еден од најголемите извори на приход за Уганда. Посетителите пристигнуваат во таа африканска земја за да гледаат слоновите, лавовите, жирафите, носорозите и други големи животни во саваните.
Бвинди се протега на над 320 квадратни километри и е дом на голем број животни и густа тропска шума.
Туристите пристигнуваат во паркот за да набљудуваат околу 400 планински горили, што е околу половина од вкупната популација во светот.