Бегалците заглавени на Табановце се закануваат со штрајк со глад (видео)

Сподели со своите пријатели

Од затворањето на границата со Грција заклучно до 23:30 часот вчеранавечер, во ПТЦ Гевгелија се регистрирани околу стотина бегалци, како и 120 бегалци од Сирија и Ирак кои биле вратени од Хрватска пред четири дена, јавуаат волонтерите од преминот кај Гевгелија.

Според нивното соопштение, условите во ПЦ Табановце се очајни, каде на секој час, на српска страна се пуштаат само десет до петнаесет бегалци, со тоа што многумина од нив се спречени да влезат во Србија, од причини непознати за волонтерите.

Бегалците од Авганистан кои веќе 13 дена се заглавени во ПЦ Табановце, односно вкупно 711 лица, се закануваат со штрајк со глад ако не ги отворат границите за да и тие може да го продолжат патот кон ЕУ.  Околу седумдесетина мигранти претежно од Пакистан се заглавени на македонската страна на границата помеѓу две жичани огради со денови, велат волонтерите.

Јасмин Реџепи од невладината “Легис” вели дека македонските власти го редуцирале бројот на бегалците, откако во понеделникот, Србија пропуштила само 30 бегалци од воз во кој се наоѓале 410 лица, додавајќи дека и Македонија е во исчекување на отворање на границата кај Табановце.

Од друга страна, претседателот Ѓорѓи Иванов во изјава за бегалската криза додава дека целокупната балканска рута ќе биде затворена наскоро, откако Австрија ќе го достигне лимитот од 37.500 барања за азил за 2016 година. Во време на криза, секоја држава засебно мора да бара решенија, вели Иванов, додавајќи дека Македонија не може да чека на решение од Брисел.

.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.