Бајден ги ублажува санкциите кон Венецуела

Сподели со своите пријатели

Преговорите што резултираа со договор меѓу венецуелската влада и опозицијата минатиот викенд може да доведат до олеснување на долгогодишната економска и политичка криза во Венецуела.

Loading...

Сето ова се случува во време кога расте глобалната потреба од нафтени извори надвор од Русија и додека САД ги ублажуваат санкциите кон таа латиноамериканска земја богата со нафта, пренесува Радио Слободна Европа пишувањето на светските медиуми.

Со постигнување голем социјален договор, владата на Николас Мадуро и венецуелската опозиција го прекинаа повеќегодишниот политички ќор-сокак, сигнализирајќи можно олеснување на тешката економска и политичка криза во Венецуела што доведе до огромен бран бегалци низ целиот регион, пишува агенцијата Франс прес.

На 26 ноември, двете страни на преговорите во Мексико потпишаа хуманитарен договор за образование, здравство, безбедност на храна, одговор по поплави и програми за електрична енергија.

Тие се договорија следниот месец да продолжат разговорите за претседателските избори закажани за 2024 година, кои треба да обезбедат учество на опозицијата.

Американското Министерство за финансии соопшти дека договорот од саботата означува „важни чекори во вистинската насока за обновување на демократијата“ во Венецуела, по што одобри шестмесечна лиценца за американската нафтена компанија Шеврон да продолжи да пумпа нафта во Венецуела.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Мистериозниот бран самоубиства на морнари во САД

Ова, нагласува АФП, ќе и овозможи на латиноамериканската земја, која ги има најголемите резерви на нафта во светот, повторно да влезе на светските пазари на нафта.

И покрај огромните резерви на нафта, истакнува Франс прес, Венецуела страда од тешка сиромаштија и политичка криза што се влоши откако Мадуро се прогласи себеси за победник на спорните избори во 2018 година.

Loading...

Меѓународните напори за решавање на венецуелската криза се интензивираа по руската инвазија на Украина и притисокот што таа го изврши врз глобалните енергетски резерви.

Заедничката изјава на Канада, САД, Велика Британија и ЕУ ветува „подготвеност за ревизија на санкциите“ за Венецуела, но бара ослободување на политичките затвореници, почитување на слободата на медиумите и гарантирање на независноста на судството и изборните тела.

На состанокот во Мексико, владата и опозицијата се договорија да побараат од Обединетите нации да управуваат со венецуелските државни средства во странски банки во износ од околу три милијарди долари, кои ќе бидат одмрзнати за да се ублажи хуманитарната криза, наведува Ројтерс.

Со посредство на Норвешка се водеа преговори меѓу владата на Мадуро и нејзините политички противници.

Најавата на администрацијата на претседателот Џозеф Бајден за укинување на клучните нафтени санкции против Венецуела го означува првиот значаен чекор кон ублажување на повеќегодишното ембарго кон таа земја, што на крајот може да помогне да се олесни тесниот глобален енергетски пазар, оценува Вашингтон пост.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Осум лица убиени при пукање на роденденска забава во ЈАР

За администрацијата на Бајден, под претпоставка дека преговорите со опозицијата продолжуваат кон демократски избори и подобрување на човековите права, секое олеснување на глобалните енергетски резерви се смета за позитивно.

Сепак, посочува весникот, американските власти ги отфрлаат извештаите дека администрацијата дејствувала за да го ублажи недостигот на нафта и високите цени на енергијата поради руската инвазија на Украина. Тврдат дека станува збор само за „Венецуела и венецуелскиот процес“.

Санкциите против Венецуела, кои, нагласува весникот, беа иницирани пред 15 години поради трговија со дрога, корупција и кршење на човековите права, постепено се зголемуваа и кулминираа под администрацијата на Доналд Трамп, кога беа особено заострени мерките против државната нафтена компанија ПДВСА.

Loading...

Сепак, економскиот и политичкиот притисок врз Мадуро немаше многу ефект, истакнува Вашингтон пост и додава дека венецуелскиот народ го сноси товарот на пропаднатата економија и репресијата, што доведе до заминување на милиони луѓе од земјата. .

Ретка средба меѓу лидерите на горко поделената влада и опозицијата во Венецуела делумно ги одразува економските ефекти од руската инвазија на Украина, која ги принуди САД да ги преиспитаат своите ограничувања за енергетските компании кои работат во Венецуела, пишува Њујорк Тајмс.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  СЗО го задржа максималното ниво на тревога за пандемијата на Ковид-19

Мадуро, кој долго време ги негираше страдањата на Венецуелците, е очаен да ја подобри економијата и да ги зголеми шансите за победа на изборите во 2024 година, додека лиценцата доделена на Шеврон да работи во Венецуела и овозможува на латиноамериканската нација повторно да влезе на меѓународниот пазар на нафта.

Разговорите во Мексико се исто така дел од серијата состаноци меѓу владата на Венецуела и опозицијата, која се надева дека следни на дневен ред ќе бидат политичките отстапки.

Сепак, весникот посочува на мислењата на аналитичарите, разговорите се дел од една поголема акција за омекнување на политиката на САД кон Венецуела, која е поврзана со растечката глобална потреба од неруски извори на нафта.

По новиот договор меѓу владата на Мадуро и опозицијата, други компании, велат експертите, веројатно ќе извршат притисок врз САД дополнително да ги укинат ограничувањата за Венецуела, вклучително и санкциите што им забрануваат на бизнисите во Индија и на други места да увезуваат венецуелска нафта.