Австрија усвои закон за помош при самоубиство

Сподели со своите пријатели

Австрискиот парламент во четвртокот вечерта со големо мнозинство го усвои законот за евтаназија (помош при самоубиство), според кој тешко болните од Нова година ќе добијат пристап до смртоносниот лек.

Сепак, оваа опција е отворена само за луѓе кои се сериозно и неизлечиво болни. Активната евтаназија сѐ уште е забранета, пишува Јутарњи лист.

Новиот закон стана неопходен откако Уставниот суд ја укина забраната за помагање самоубиство. Според мислењето на судијата, со ова се повредува правото на самоопределување.

Новиот закон за евтаназија содржи неколку услови кои мора да се исполнат. Лицето кое го бара мора да има најмалку 18 години и да има медицинска дијагноза, а секој случај ќе го оценуваат двајца лекари.

Дополнително, ќе треба да поминат најмалку неколку недели за да се осигура дека не се бара евтаназија поради привремената криза.

Дури после тоа смртоносниот лек ќе може да го набави во аптека.

Владејачката конзервативна Австриска народна партија (ОВП) и партнерот Зелените го поддржаа законот во парламентот, како и опозициските социјалдемократи и либералната партија Неос. Само екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО) не се согласи.

Министерката за правда Алма Задиќ од Зелените посочи дека ќе се преземат мерки да се понуди алтернатива на самоубиството.